Доктори од Република Македонија кои повеќе од пет години континуирано работат во странство, во земјите-членки на ОЕЦД, ќе може да склучат договор со Министерството за здравство и да работат во јавните здравствени установи во државата. За таа цел, Министерството денес ќе објави оглас во медиумите и на веб страницата.
Ова на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека станува збор за уште една значајна новина која Министерството ја презема и е продолжување на мерката со која досега 80 доктори од приватни здравствени установи се вратиле во јавните здравствени установи. Посочи дека ќе биде формирана Комисија составена од експерти, доктори во повеќе области кои потоа ќе треба да извршат селекција на кадрите.
„Покрај доктори специјалисти со ова се опфатени и Македонци кои се на раководни позиции во болници во земјите-членки на ОЕЦД. Сега имаме што да им понудиме. Системот е прилично слично структуиран и организиран како системот во кој работат. Имаме нова опрема и можност за многу брзо лично професионално напредување и едукација во многу современи центри во светот“, истакна Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека платата на докторите кои повеќе од пет години континуирано работат во странство, во земјите-членки на ОЕЦД, и сакаат да се вратат во Македонија и да работат во јавните здравствени установи, би била предмет на договор, бидејќи, како што посочи, така е утврдено со Законот.
Тодоров потенцира дека веројатно би била поголема нивната плата и тоа зависи од нивната дејност, стручност и од она што ќе го оцени стручната Комисија.
„Основната намена на огласот е тие барем една година да работат во Македонија, но ако има определни пречки би разговарале. Тие практично не се вработуваат на истиот начин и во истата процедура како што се вработуваат доктори од Македонија. Затоа има посебен услов да имаат минимум пет години континуирано работно искуство во земја-членка на ОЕЦД. Следна процедура е склучувањето договор на Министерството со нив врз основа на кој почнуваат да работат во јавните здравствени установи“, додаде Тодоров.