Министерството за образование и наука утре ќе објави конкурс за доделување 40 стипендии во износ од по 500 евра за посета на сертифицирани модули на постдипломските програми на Академијата за менаџери, за оваа академска година, информира денеска на прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Ќе бидат доделени 13 стипендии за насока „стратешки менаџмент“, 14 за „стратешки маркетинг“ и 13 стипендии за „финансии“. За апликациите на конкурсот ќе одлучува координативно тело формирано од претставници на МОН, Универзитетот Шефилд, Сојузот на стопански комори (ССК) и Академијата за менаџери.
„Со оваа одлука практично обезбедуваме континуитет во поддршката што ја дадовме и во текот на минатата академска година, а која е од големо значење и за Академијата и за бизнис заедницата во земајава“, рече Ристовски.
Новиот циклус предавања ќе се организира во текот на викендите во ноември, со времетраење од 22 часа. Секој кандидат по успешно завршување ќе добие сертификат од меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд – СИТИ колеџ и можност да го продлжи своето образование на постипломските програми што ги организира Академијата во Скопје.
Тоа, според Ристовски, е одлична можност за сите лица кај кои постои интерес за проширување и надградба на своето знаење и база на вештини, пред се надградба на менаџерско арзмилсување, техниките и практиките кои ќе им помогнат во унапредување на личниот и професионалниот статус.
Академијата за менаџери, што е основана пред една година, посредува при едукација и професионална доквалификација на постипломско ниво на стручни лица од различни профили и менаџери вработени во приватниот и во јавниот сектор во Македонија.
„Оваа година се стипендираат три модули. Во насоката „стратешки маркетинг“ се изучуват најновите трендови во маркетингот, дигиталните медиуми и интегрираните комуникации, а стипендираниот модул се однесува на стратегија за развој на нови производи и услуги. Модулот „финансиски менаџмент“ се однесува на тоа како најзбро да се вратат вложените средства во дадена инвестиција, а во модулот „стратешки менаџмент“ се обрнува внимание на огромната потреба од промената на секоја организација и од технолошки и од оперативен аспект во бизнис светот“, рече директорката на Академијата за менаџери, Марија Никовска.
Според Митко Алексов, извршен директор на ССК, одлуката на МОН за доделување на стипендиите е за поздравување затоа што ќе овозможи да се подобрат способностите на менаџерите.
„Досегашното искуство и искуството на останатите стопанствници говори дека менаџерите кои се едуцирани според светски стандарди и кои се во чекор со најновите трендови и технологии секогаш се поблиску до целта. На наше големо задоволство едукацијата на менаџери популарна во светски рамки е достапна и за македонските компании“, рече Алексов.