Германските компании се заинтересирани за соработка со македонските фирми. За нив, важен предуслов за инвестирање и водење на бизнис во Македонија е инфраструктурата.
Нивни претставници од вчера се во посета на Македонија со цел да се информираат за условите за инвестирање и идните проекти во државата. Денеска на конференција организирана од претставништвото на Стопанската комора на Германија, тие директно од министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, се запознаа со вложувањата што Македонија ги прави во поглед на инфраструктурата.
Според заменик-амбасадорот во Германската амбасада, Ханс-Хелге Сандер, Македонија е интересна локација за инвестирање и реализација на проекти.
„Со коридорите 8 и 10 и добрата географска положба, државата претставува јазол меѓу многу пазари, земји и пристаништа. Инфраструкуратата игра многу голема улога. Германските компании кои инвестираа во Кавадарци и во Битола велат дека инфраструктурата е толку добра на овие локации што без проблеми можат за три часа своето производство од камионот што ќе им дојде до подготвени производи, да го вратат со готови производи“, истакна Сандер.
Како позитивни чекори на македонската Влада, Сандер ги оцени зголемувањето на капиталините инвестиции и кредитот од кинеската ЕКСИМ банка за изградба на двете клучни автопатски делници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид.
Министерот Јанакиески, осврнувајќи се на проектите што ги презема Владата во делот на патиштата и железницата, нагласи дека нејзин приоритет остануваат вложувањата во инфраструктурата.
Во делот на патиштата информираше дека се обезбедени средства во висина од 637 милиони евра за изградба на делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со што ќе се скрати времето на патување, а во тек е и изградбата на последната делница од Коридорот 10 од Демир Капија до Смоквица. Во моментот се работи и на рехабилитација на дел од Коридорот 10 и кон почетокот на декември ќе биде објавен повик за ангажирање на компанија.
Јанакиески нагласи дека во последните години интензивно се инвестира и во железничката инфраструктура и поврзувањето со соседните држави со што ќе се обезбеди поголема брзина на возовите.
„Со завршениот ремонт на делниците Куманово-Табановце и Миравци – Смоквица и отстранувањето на црните точки за еден час е намалено времето за превоз со воз на стока долж Коридорот 10. Претходно, беа потребни 4 часа и 15 минути, а сега со двете реконструкции и останнувањето на 28-те црни точки, движењето на возот се скратува за еден час, а со дополнителната реконструкција која се планира од идниот месец движењето ќе се скрати за 30 до 40 минути“, нагласи Јанакиески.
На конференцијата беше искажан интерес од германска страна за директна соработка со македонски компании од областа на логистиката.