Владата објави оглас за вработување 300 лица со инвалидност

Владата денеска објави оглас за вработување на неопределено време на 300 лица со инвалидност. Изборот на лицата кои ќе бидат вработени ќе биде направен по електронски пат врз основа на исполнетите услови кои се бараат во огласот. Лицата првично ќе бидат вработени во „Македонски шуми“, а потоа ќе бидат прераспоредени во државните институции.

„На огласот можат да се јават лица со оштетен вид, слабовидни и слепи, со оштетен слух, глуви и наглуви, лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, лица со телесна инвалидност – тешка и потешка, лица со пречки во менталниот развој – лесни и умерени и лица со комбинирани пречки и инвалиди на трудот“, информира на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој појасни дека лицата со инвалидност кои ќе ги исполнат условите првично ќе бидат вработени во „Македонски шуми“, а потоа ќе бидат распоредени во државната и јавната администрација, по претходно утврдени потреби од страна на институциите и според способностите и квалификациите на лицата со инвалидност потврдени со мислење од надлежна комисија.

Од 300-те работни места, 160 се предвидени за помошни работници со ниско образование, односно ниска квалификација, 100 за референти-извршители со средно и вишо образование и 40 соработници и советници со високо образование.

Министерот Спасов информира дека изборот на кандидати за засновање на работен однос ќе се врши по утврдени критериуми на бодување при што до 40 бода ќе се добиваат за период и години на невработеност, до 30 за личен приход на лицето со инвалидност, до 20 бода за приход на домаќинство и до 10 бода за еднородителско семејство или домаќинство кое има повеќе членови со инвалидност. Како приходи на домаќинство ќе се смета состојбата од 1 јануари 2013 година, а социјалната парична помош, посебниот додаток, паричниот надомест за помош и нега од друго лице и додатокот за слепило – мобилност нема да се земаат како приход.

„Ги поканувам сите лица со инвалидност да ја искористат оваа шанса и да аплицираат во наредните 30 дена. Исто така, апелирам сите здруженија и национални организации на инвалидни лица да ги известат и информираат своите членови за да може што поголем број да се јават на огласот. Со Програмата за вработување на 300 лица со инвалидност ќе решиме едно од клучните прашања на секој граѓанин, а тоа е егзистенционалното прашање. Уште повеќе што овие лица имаат ограничен пристап до пазарот на трудот. Инвалидните лица имаат способности и можности да им дадеме шанса“, истакна Спасов.

Директорот на „Македонки шуми“ Жарко Караџовски информира дека огласот ќе трае до 1 декември и оти формуларите за пополнување можат да се подигнат од Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и од архивата на „Македонски шуми“.

Додаде дека при пополнувањето на формуларите на лицата коишто ќе се пријавуваат за огласот ќе им биде дадена помош од стручните служби на „Македонски шуми“.

Караџовски истакна дека со цел да не се усложнува процедурата за пријавување на огласот покрај документите потребни за добивање на одреден број бодови врз основа на невработеност, личен приход, приход на домаќинство и еднородителско семејство ќе се бараат само уште уверение за државјанство и потврда за инвалидност од соодветна комисија. Појасни дека стручните лица ќе ги разгледаат сите пристигнати документи кои потоа ќе бидат внесени во софтверскиот систем, кој ќе ги избере оние коишто ги исполнуваат сите услови, односно ќе добијат најмногу бодови по предвидените услови.

Изборот, како што посочи, ќе биде јавен исто како оној што беше спроведен за вработување на 1.600 лица од социјално ранливи категории. Незадоволните ќе имаат право да поднесат жалба.