На иницијатива на брачната и професионална новинарска двојка Милена – главен и одговорен уредник на весникот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска „Македонски Глас“ и Сашо Георгиевски – дописник на „Нова Македонија“ од оваа пријателска земја, од 8. до 12. ноември, во работна посета на нашата земја, ќе престојува студиска група истакнати хрватски новинари – уредници од влијателни медиуми.
Првиот ден, новинарите ќе престојуваат во општина Вевчани, како гости на градоначалникот Цветомир Угриновски, вториот ден домаќин им е охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, додека во Скопје ќе имаат средба со хрватскиот амбасадор Златко Крамариќ, со членови од Заедницата на Хрватите во Република Македонија, ќе ја посетат винаријата „Стоби“ и ќе имаат професионална работилница во редакцијата на „Нова Македонија“, која воедно е и нивни скопски покровител.
Непосредно пред тргнувањето на новинарите од Загреб, за нивната посета на Македонија и очекуваните ефекти, беа запознати, мегу другите, актуелниот претседател на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ и поранешниот шеф на државата Степан Месиќ. Двајцата државници, ја реафирмирале идејата на Месиќ, од пред скоро една деценија, за збратимување на Дубровник и Охрид, градот во кој тогашниот шеф на хрватската држава, ја изнесе официјално и искажа лична подготвеност за нејзино исполнување. Степан Месиќ, во посета на Охрид беше и пред неколку месеци, кога се сретна со градоначалникот Никола Бакрачески. Месиќ изрази надеж дека конечно ќе дојде до реализација на неговата иницијатива за Охрид и Дубровник да станат и формално Градови пријатели.
Актуелниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој претходно беше во официјална посета на Република Македонија, по повод патувањето на хрватските новинари во нашата земја, до организаторите испратил и лична порака, во која го поздравува гостувањето во Македонија, во функција на културното и медиумско доближување.
Културните и цивилизациски врски помегу Охрид и Дубровник, датираат од пред многу векови, уште од времето кога диецезата на славната Охридска архиепископија се допираше со католицизмот во Далмација. Пред 152 години бискупот Јосип Јурај Штросмаер го печатеше Зборникот на народни песни од стружаните, браќата Миладинови, а пред 74 години, исто така во Хрватска, е печатена поетската збирка „Бели Мугри“ на таткото на македонската современа поезија, Коста Солев – Рацин. Двајца истакнати хрватски литературни дејци, Мирослав Крлежа и Славко Михалиќ, се носители на највисокото поетско признание – „Златниот венец на поезијата“ на СВП.
Фестивалот „Охридско Лето“ и „Дубровничките летни игри“, низ целото свое децениско постоење, остваруваат плодна и континуирана соработка, со размена на програми, подготовка на заеднички проекти и слично. Оваа година, фестивалот во Охрид, на 20-ти август, своето свечено затворање го имаше со настапот на дубровничкиот театар „Марин Држиќ“ и пиесата „Браќа Карамазови”, во режија на младиот македонски режисер Дејан Проjковски.