50 години од постоењето на охридската градинка. По тој повод вечерва во спортската сала „Билјанини извори“ најмладите ќе одржат свечена приредба.
„Овој јубилеј го прославуваме по пат изоден цели педесет години, пат кој се протега низ два века, два милениума, на раст и развој на градинката. Низ тој пат поминале плејада на работници, кои предано и одговорно ги извршувале и ги извршуваат своите работни задачи, придонесувајќи за правилниот раст и развој на генерации деца од предучилишна возраст. Денес дел од нив се личности кои придонесуваат за развој на градинката, градот и државата со својот личен и професионален ангажман на сите полиња во општествените текови, дел од нив се солидни студенти и ученици вклучени во повисоките образовни системи од градинката“, – вели директорката на ЈОУДГ Јасна Ристеска, Розе Костеска.
Како што рече Костеска вработените во градинката ја имаат таа привилегија да придонесуваат за згрижувањето, воспитувањето и образованието на најмладите генерации.
„Тие се наша гордост и наше огледало за постигнувањата на нашите активности и работа со нив. Ја имаме таа привилегија да живееме во најневиниот и најубавиот свет. Додека трае нашиот работен век, живееме во светот на детството. Свет полн со искреност, нежност, невиност, благородност. Детските среќни лица и насмевки се нашата најголема радост и награда за ангажманот што го вложуваме во секојдневната работа“, – потенцира Костеска.