Љубителите на доброто вино имаа уникатна можност да присуствуваат на првото отворање на бочвите со вино од годинашната берба и да го дегустираат младото вино од 2013-та. Пред министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, бизнис заедницата и останатите почитувачи на виното, винарската визба „Тиквеш“ ги претстави вината произведени од новата реколта на грозје. Целта на Фестивалот на младо вино, кој годинава се одржува по четврти пат, е да се оцени потенцијалот на младите вина, но и да се подигне винската култура во земјава.
„Организирањето на вакви манифестации претставува вистинска можност за производителите и преработувачите на винско грозје да се соберат на едно место, а љубителите на добро вино имаат исклучителна можност да ги пробаат новите вина на ВВ Тиквеш. Оваа година беше многу добра за винската индустрија, бидејќи до четвртти февруари ги исполнивме квотите за извоз во Европската Унија, а се надевам дека и оваа година со новите вина ќе постигнеме уште подобри резултати“ – истакна министерот Димовски.
Енолозите на ВВ „Тиквеш“ искажаа задоволство од првичниот квалитет на виното од 2013-та, а според првите проценки со висока ароматика особено се истакнуваат белите сорти. Најдобри резултати се очекуваат кај шардоне и темјаника, но по ништо не заостануваат ниту црните сорти вранец и каберне совињон. Токму меѓу овие вина може да се очекуваат ѕвездите од бербата 2013-та.
Првите впечатоци од младото вино и од карактеристиките на бербата дополнително ги подгреваат амбициите на винарницата за уште поголем извоз во наредната година.
„Пред нас е година полна со предизвици, како од аспект на повторување и надминување на бројот на награди и признанија за квалитетот на нашите вина, така и од аспект на продлабочување на соработката на нашите нови извозни пазари – САД, Скандинавија, Кина. Годинава откупивме 25.000 тони грозје во износ од над 5 милиони евра, што е за 50% зголемување во однос на минатата година, особено кај висококвалитетното грозје од кое се произведува нашето вино со премиум квалитет. Сето ова ни дава слобода да најавиме зголемување на количините за извоз на висококвалитетно вино на странските пазари следната година“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Игор Илиевски.
Во текот на 2013-та година вината на ВВ „Тиквеш“, на престижните светски вински натпревари и фестивали, добија над 40 награди и признанија за квалитет. На странските пазари ВВ „Тиквеш“ пласира повеќе од 60% од своето вкупното производство кое годишно надминува 15 милиони литри квалитетно вино во шишиња.