ИПА фондовите можност за подобрување на состојбата на Ромите

Македонија во последните осум години направи многу за Ромите, но сепак останува уште да се работи за нивна целосна инклузија во општеството.

Ова е еден од заклучоците на конференцијата „ИПА фондови за Роми“ и „8.Ромски економски форум“ што денеска се одржува во Скопје во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка, општина Шуто Оризари и Ромскиот деловен информативен центар.

Целта на конференцијата, која има регионален карактер, е зголемување на социо-економската вклученост на Ромите во државата и оценување на  можностите за генерирање на средства за таа намена од ИПА фондовите 2014 – 2020.

„Во Република Македонија е направен голем исчекор, особено со фактот што Ромите се дел од Уставот во кој се утврдени како заедница која живее во земјава со сите права што ги имаат и останатите граѓани. Македонија е и земја која ја има усвоено „Декадата за Ромите“, стратегија во која се предвидени  активности што делумно се поддржуваат од Буџетот на Република Македонија, а делумно од фондовите кои ги добива земјава“, рече вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими во обраќањето на отворањето на конференцијата.

Тој посочи дека преку ИПА фондовите досега во Македонија се поддржани неколку значајни проекти за Ромите, како што се проектите за Поддршка за спроведување на Стратегијата за Ромите од ИПА 2008, Поддршка за  институциите за спроведување на политики од важност на немнозинските заедници, Кампања за поддршка на жените од ромската заедница…

„Има и одредени проекти кои се поддржани од Буџетот на Република Македонија како што се Вклученоста на ромските деца во јавните градинки, Условно стипендирање во средните училишта, Воспоставување на 10 стипендирани информативни центри сместени  во ромските заедници, Стипендии за 600 студенти  од ромската заедница, Седум локални комунални инфраструктурни проекти  во општините населени со ромска популација…“, рече Бесими.

Имајќи предвид се што е направено досега за Ромите во Македонија, нагласи, дека може делумно да бидеме задоволни, но додаде дека останува обврската во ИПА 2 Програмата 2014-2020 да се фокусираме и во дефинирање на приоритетите на Ромите.

Роберт Лидл од Делегацијата на ЕУ во Македонија истакна дека во Европа и пошироко постои дискриминација за Ромите, социјална ексклузија, висока невработеност, недоволен пристап до здравственото осигурување, 90 отсто од Ромите се на работ на сиромаштија, … 

„Се обидуваме да направиме повеќе за Ромите, но не можеме премногу да направиме. ИПА фондовите се само еден мал дел од сликата. Кога говориме за владините фодови се чувствувам силен дека може да помогнеме и на националните влади. Треба да се направат нови стратегии за Ромите и да се одредат подобри цели за да може ромските прашања успешно да се адресираат“, рече Лидел.

Тој нагласи дека насекаде во Европа се уште постои техничка дискриминација на Ромите, сегрегација во училиштата, отворена дискриминација особено при вработувањето и оти сегде живеат во сиромаштија и субстандардни услови.

Пратеникот во српскиот Парламент Срѓан Шајн истакна дека Ромите речиси и да не се застапени во европските институции и додаде дека Ромите се тие што треба да се прашаат за сите процеси кои ги засегаат.

„По еден пратеник Ром има во Македонија, Србија, Хрватска и Романија, но во Парламентарносто собрание на ОБСЕ нема ниту еден пратеник Ром, во ЕУ има само еден, а во Советот на Европа ниту еден. Значи нема човек што ќе ги претставува интересите на ромската заедница во Европа, ниту, пак, некој што ќе ги контролира огромните пари кои треба да бидат одделени за Ромите“, рече Шајн.

Тој посочи дека Ромите треба да бидат најважниот елемент во креирањето на ИПА фондовите наменети за поддршка на ромската популација ширум Европа.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими рече дека ромската заедница во последните осум години е предмет на интерес на македонското општество и на меѓународната заедница.

„Декадата на Ромите од 2005 година придонесе да се направат многу стратегии и оперативни планови не само во Македонија, туку во сите земји што се вклучени во декадата. За поздравување е она што од 2006 година го направи македонската Влада, но се уште може многу да се направи зашто не може за осум години да се поправи се она што во изминатите 50-тина години не е направено“, рече Ибрахими, додавајќи дека се неопходни подолг рок, повеќе напори и повеќе финансиски средства.