Подносителите на пресметки на бруто-плата (работодавач, самовработено лице, индивидуален земјоделец, верско службено лице и државна институција) имаат можност да им бидат отпишани неплатените камати по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување кои настанале во периодот од јануари 2009 година, заклучно со декември 2012 година.
1) Како се остварува правото на отпишување на камати?
Најдоцна до 31 декември 2013 година, поднесете Барање за отпис на камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување (образец БОК-ПЗСО), до надлежната Регионална дирекција на Управата за јавни приходи кон која припаѓате.
Барањето “БОК-ПЗСО“ преземете го од веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/137
2) Кој може да поднесе барање за отпис на камати?
Барање за отпис на камати може да поднесе секој обврзник за пресметка и уплата на придонесите (работодавач, самовработено лице, индивидуален земјоделец, верско службено лице и државна институција), кој има неплатени камати по основ на достасани обврски за придонеси од задолжително социјално осигурување, кои:
- Настанале во периодот од јануари 2009 година заклучно со декември 2012 година, односно кои произлегуваат од месечни пресметки на бруто-плата (МПИН) за период најрано од јануари 2009 година, а најдоцна до декември 2012 година; и
- Се утврдени со конечна месечна пресметка на бруто-плата (МПИН); и
- Не се платени на денот на поднесување на барањето.
3) Кои услови треба да ги исполнам за да го остварам правото на отпишување на камати?
Подносителот на барањето има право на отпишување на каматите за придонесите од задолжително социјално осигурување, доколку:
- Редовно ги исполнува достасаните тековни обврски, односно редовно се поднесени и исплатени МПИН пресметките за период од јануари 2013, заклучно со последната доспеана месечна пресметка; и
- Извршена е уплата на придонесите од задолжително пензиско и инвалидско осигурување кои настанале заклучно со обврските по овој основ за декември 2008 година.
4) Во кој износ ќе се изврши отпишување на каматите, доколку ги исполнам наведените услови?
- 100% камата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја извршите во рок од 6 месеци од денот на поднесувањето на барањето;
- 75% камата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја извршите во рок од 12 месеци од денот на поднесувањето на барањето; и
- 50% камата ако исплатата на заостанатите обврски за кои е поднесено барањето ја извршите во рок од 18 месеци од денот на поднесувањето на барањето.
5) Дали можам да го остварам правото на отпишување на камати доколку за заостанатите обврски се води постапка на одложено плаќање или постапка на присилна наплата?
Правото на отпишување на камати може да го остварите и за обврските за камата кои се во постапка на одложено плаќање или во постапка на присилна наплата.
6) Како ќе ми биде спроведено правото на отпишување на камати?
За утврдување на правото на отпишување на камати, од страна на Управата за јавни приходи ќе биде донесено решение со кое Ви се утврдува ова право. После целосното плаќање на обврските за социјални придонеси за кои е утврдено ова право, ќе се одреди процентот на камата што треба да се отпише, во зависност од тоа во кој рок после поднесување на барањето е извршено плаќање на обврските. За износот на камата што се отпишува ќе се донесе друго решение на Управата за јавни приходи, а износот на камата што преостанува за плаќање ќе влезе во налог за плаќање ПП 53.