Единствено Македонија и Јапонија имаат проект со кој на секој граѓанин што ќе се запише на еден од првите 100 универзитети во светот според Шангајската листата или на еден од првите 200 во делот на технички науки, државата му ги покрива сите трошоци за студирање, што подразбира школарина, сместување, транспорт, осигурување и сите други трошоци.
„На почетокот имаше помалку интерес сега веќе интересот сериозно расте. Ако во првата година 13 лица добија упис на првите 100 универзитети во светот, односно првите 200 во техничките науки, веќе во втората година бројката беше 23, а оваа година можам со задоволство да кажам дека е 51“, истакна премиерот Груевски.
Овој факт, како што кажа, радува затоа што станува збор за луѓе кои ќе се образуваат на највисоко рангираните, а со тоа и најдобрите универзитети во светот.
„Тие луѓе потпишуваат договор со државата кога ќе ги завршат студиите да се вратат во Македонија и да поминат најмалку шест години во државниот или во приватниот сектор зависно од нивните афинитети. Се работи за еден одличен проект кој што ќе овозможи на многу наши граѓани своите потенцијали да ги развијат на најнапредните и најуспешни универзитети во светот“, потенцира Груевски.