Во чест на празникот Св. Климент Охридски – Патронот на градот за 2013 година, градоначалникот Никола Бакрачески распиша Конкурс за доделување на општинска награда – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“.
По завршувањето на Конкурсот, Комисијата во состав Гордана Коњановска – претседател и членовите Димитар Спасески, академик Григор Каневче, Горан Стојаноски – актер, Данчо Целески – спортски работник, Светослав Маџаров – доктор в и Сашо Коруниски – декан на ФТУ , формирана од градоначалникот Бакрачески, утврдија дека сите апликанти ги исполнуваат условите по конкурсот.
Општото значење на делото, значењето на делото за градот Охрид, афирмираноста на личноста или институцијата, препознатливоста од широката јавност и придонесот за афирмација на градот во Македонија и пошироко се петте дефинирани критериуми по кои ќе се разгледуваат пријавите со цел полесно да се изврши изборот од страна на Комисијата .
За општинската награда Св. Климент Охридски – Патрон на градот се пријавија вкупно 10 кандидати и тоа: Димче Јанко –копаничар, Димитар Масевски –композитор, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ Охрид, Спец. д-р. Никола Михајло Филев – вработен во детското одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид, Петар Голабоски од Здруженето на граѓани „Аикидо Клуб Буџин“ Охрид, Проф. Александар Радиќ – Леко, Проф. д-р. Павле Митревски – творец од областа на науката, културата и образованието, Тоде Илиевски – филолог за животно дело во областа на книжевноста, енигматика и проблемски шах, Јордан Манасијески – сликар и Милан С. Белески – самостоен занаетчија.
Своите ставови за пријавените кандидати за општинската награда, членовите на Комисијата ќе ги образложат на следниот состанок на кој ќе се донесе одлука околу изборот за добитник на годинешната највисока општинска награда.