Лизгалиштето на мраз кое се поставува на Градскиот плоштад планирано е да биде отворено во недела или во понеделник, соопшти денес раководителот на секторот ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.
„Од технички аспект искрснаа големи проблеми со поставувањето на струјниот кабел. Охрид досега за жал немаше на градскиот плоштад таков капацитет на моќност, односно струја со таква моќност и ние како Oпштина се потрудивме да го решиме овој проблем заеднo со ЕВН за понатаму да имаме можност, технички услови за било каков настан“. – рече Апостолов.
Како што најави Апостолов, лизгалиштето ќе биде отворено со настап на една музичка македонска ѕвезда за која што ќе биде доополнително соопштено.
Лизгалиштето е подарок на австриска фирма за Општина Охрид, има димензии од 350 метри квадратни и ќе има комерцијален карактер. Локалната власт, за сите љубители на овој спорт за време на зимскиот распуст ќе организира бесплатни часови по лизгање, а ќе се издаваат и лизгалки за мраз. Лизгалиштето ќе работи секојдневно до крајот на месец јануари односно до оној момент до кога тоа го дозволуваат временските услови.