Вистинско василичарско доживување се подгототвува во Вевчани за традиционалниот Вевчански карневал што ќе се одржи од 10-ти до 14-ти јануари. Богата музичка програма и интересни содржини за посетителите од сите возрасти се главниот адут на карневалот што оваа година се одржува под слоганот „Биди и ти вистински Василичар“.
Детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва се само дел од активностите со кои Вевчанци и нивните гости ќе бидат анимирани во карневалските денови.
Музичката програма оваа година ќе биде една од најбогатите во историјата на карневалот. Ѓоко Танески и Куку Леле ќе настапат на 12 јануари кога главни ѕвезди на вечерта ќе бидат момците од најпопуларниот рок бенд на овие простори, Ван Гог. Дневни акустичните свирки во амфитеатарот се новост во музичката програма, а за нив ќе биде задолжен етно составот Теодулија од Србија кои ќе настапуваат со македонски етно песни на чело со лидерот на групата Мима Шекуткоска – која има потекло од Вевчани.
Вечер на македонски ѕвезди е предвидена за 13 јануари, кога на сцената ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.