2013 успешна година за Одделението за катас​тар на недвижности О​хрид​

Во насока на одржување на постојана комуникација со сограѓаните, непосреден пристап и транспарентност во работењето Одделението за катастар на недвижности Охрид, информира дека во изминатата година, заклучно со 20.12.2013 год., вкупно за работа се примени 51.037 предмети, при што е постапено по сите, односно 2013 година е успешно завршена без ниеден нерешен предмет, со што Одделението го потврди беспрекорниот резултат од претходната година.

Покрај тековната работа, во Одделението се спроведува и процес на дигитализација на катастарските планови за  вкупно 44 катастарски општини на територијата на Општина Охрид и Општина Дебрца, кој процес е предвидено да заврши до крајот на 2014 година.

Придобивките од процесот на дигитализација на катастарските планови се огромни.  Имено, процесот ќе придонесе за уште поголемо скратување на роковите потребни за запишување на правата на недвижностите, иако со самото воспставување на катастарот на недвижностите и воведувањето на електронскиот катастар во огромна мера веќе и се скратени.

По завршувањето на целиот процес Одделението треба да располага со интегрирана електронска база во која комплетно ќе се хармонизирани алфанумеричките односно описните податоци за катастарската парцела – како податоците за сопственоста, површината, културата, класата и слично –  со графичкиот приказ за истата. Односно, она што сопственикот го поседува согласно правната и техничка документација треба да биде соодветно на она што  како податок е запишано во имотниот лист и комплетно  воедначено со она што го добива како копија од катастарски план.

За утврдување на напредокот во спроведувањето на процесот на дигитализација на катастарските планови, во претстојниот период, во координацја со Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија г-дин Славче Трпески, во Охрид ќе биде одржан состанок на ниво на Раководители на подрачни одделенија.

Во насока на реализација на предвидените активности од страна на Владата на Република Македонија, во Одделението за катастар на недвижности во Охрид се извршени и  дел од геодетските работи за посебни намени во интерес на Републиката, а поврзани со предвидениот автопат Кичево-Охрид.

Исто така, во претстојниот период на ниво на Република Македонија, меѓу другото предвидено е уште во Јануари месец пуштањето во употреба и на новиот ВЕБ ГИС портал, кој ќе е збогатен со нови содржини, ќе биде воведен нов електронски шалтер преку кој сите Нотари, Општини и геодетски фирми електронски ќе работат со катастарот, односно нотарите директно во електронскиот катастар ќе ги запишуваат договорите за купопродажба и хипотеките, а системот на електронски дозволи на општините директно ќе биде поврзан со електронскиот шалтер на агенцијата, тука се и воспоставувањето на подземниот катастар или катастар на инфраструктурни објекти каде во Март е предвидено и издавање на првиот имотен лист, потоа масовната проценка на недвижностите со воспоставувањето на регистар на цени која ќе се реализира од месец Мај, потоа воспоставувањто на регистар на градежно земјиште, адресниот регистар и др.

Со успешно спроведените активности во изминатата година, како и целосна одлучност во спроведувањето на активностите во претстојната година, Одделението за катастар на недвижности во Охрид, ќе ги вложи сите напори во насока на давање на својот придонес во потврдувањето на статусот на Агенцијата за катастар на недвижности во институција за пример во Република Македонија и регионот, а во претстојниот период и во насока на издигнување на Агенцијата за катастар на недвижности во Лидер во  Европа.

Одделението за катастар на недвижности во Охрид, во оваа прилика на нашите сограѓани од православна вероисповест им го честита големиот христијански празник Божиќ, и им посакува духовната вредност на овој голем ден да им даде силна верба, добро здравје, радост и благосостојба.