Рекордно ниски температури зафатија делови од САД, каде сообраќајот е отежнат поради силниот ветар и високата снежна покривка, која на места достигнува висина и до 30 сантиметри.
Властите ги затворија школите во повеќе градови вклучувајќи го Чикаго, Сент Луис и Милвоки и предупредуваат граѓаните доколку можат да не излегуваат од своите домови.
Во Северна Дакота измерени се 35 степени под нулата, додека пак во Медисон и Висконсин 21 степен под нулата, а во Минеаполис, Индијанаполис и Чикаго 15 степени под нулата.
Метеоролозите предупредуваат дека поради студениот бран проследен со силен ветар, температурата може да падне дури и до 50 до 60 степени под нулата.
Градоначалникот на Индијанаполис прогласи највисок степен на вонредна состојба во сообраќајот, што значи дека возењето се забранува, а исклучок се само итните случаи. Таква мерка последен пат била применета за време на снежната бура во 1978 година.
Голем број патишта се затворени, а на аеродромите откажани се повеќе од 1000 летови.
Метеоролозите соопштуваат дека ладниот воздух кој се формира над Северниот пол и поларните региони, најчесто се задржува во Канада, но овој пат стигна и до САД.
Врнежите од снег, силниот ветар и ниските температури, одзедоа повеќе од 16 животи во САД, а повеќето од нив настрадале во сообраќајни незгоди.