Во насока на подобрување на студентскиот стандард и задоволување на потребите на студентите, Државниот Студентски Дом „Никола Карев“, успешно ја заокружи 2013–та година со реализација на сите зацртани проекти, соопшти директорот Марјан Ристески.
Како што вели директорот Ристески, комплетната реконструкција на кровот е една од најважните инвестиции кои установата ги реализира во 2013 година, а со тоа битно допринесе во подобрување на општите состојби во Домот решаваќи еден долгогодишен проблем.
„По опожарувањето на делови од студентскиот комплекс со што беше уништен дел од расположливата опрема, раководството на установата направи напори и обезбеди три индустриски машини за перење, сушење и пеглање како опрема за вешерајот кој работи во склоп на Домот“. – рече Ристески.
Наредната активност која беше преземена информира Ристески била реконструкција на котларата на Домот со која не само што се обнови постојната опрема, таму се имплементираа и некои новини преку воведување на нови технологии кои во иднина на Домот ќе му донесат заштеди односно поголема енергетска ефикасност преку намалена потрошувачка на енергенси како струја и нафта за греење.
„Минатата година се работеше и на подобрување во сместувачкиот дел од капацитетот. Стариот, дотраен мебел кој беше нефункционален за прв пат од постоењето на Домот беше заменет со нов. Беа набавени и распоредени по сите соби нови работни бироа, масички и наткасни кои на студентите им се потребни за секојдневно функционирање и за учење. Набавен е и нов ситен инвентар за во кујна, како и нови постелнини за поголемиот дел од сместувачкиот капацитет“. – истакна Ристески.
Потоа рече дека во делот на тековното одржување се изврши редовно молерисување на објектот како и редовно сервисирање на инсталациите и П.П. опремата.
„Во годината што ја оставивме зад нас Студентскиот Дом „Никола Карев“ макотрпно работеше и на подобрувањето на општата финансиска состојба на Домот при што денес гордо можеме да кажеме дека установата не должи ниту еден денар на ниту еден комитент или добавувач со кој работи. Редовно ги сервисира обврските спрема своите комитенти и добавувачи, редовно врши исплата на платите и придонесите на своите вработени согласно сите законски норми. Против Домот не се води ниту еден судски спор што не беше случај пред неколку години, а тоа е доволен показател дека сегашното раководство успеа да ја врати установата на правиот пат“.Чесниот и домаќински пристап, со еден добар систем на менаџирање, со воспоставување на процедури за работа и систем на интерни контроли, како и нивоа на известување, со што резултатите се сосема очекувани, продолжуваат и наредниов период“. – додаде Ристески.
Директорот Ристески нагласи дека Д.С.Д. „Никола Карев“ нема да застане тука, во иднина се планираат уште многу проекти кои се во полза на студентите и подобрување на нивниот стандард.