Над милиони патници минатата година ги користеле услугите на македонските аеродроми што претставува зголемување за 17, 4 проценти во споредба со 2012 година.
„Во Република Македонија е надминат бројот од милион патници. Во 2013 година имавме вкупно еден милион 59 илјади 588 патници. Тоа е добар пораст, можеби најдобар во регионот. Ќе беше уште поголем, но поради временските услови во декември имавме мал пад“, изјави денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, давајќи отчет за сработеното во изминатата година.
Во текот на минатата година реализирани се и осум нови дестинации од страна на нискобуџетската компанија „Визер“, а аеродромот „Александар Велики“ беше прогласен од Меѓународниот аеродромски совет за најдобар аеродром во Европа во категоријата аеродроми до два милиони патници. Меѓу реализираните активности во делот на воздухопловството стапи на сила и Спогодбата за воздушен сообраќај меѓу Македонија и САД.