Традиционално, во рамки на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици, градоначалникот Никола Бакрачески во сабота со почеток во 18 часот во куќата на Уранија свечено ќе ја додели Светската награда за хуманизам на годинешниот добитник, познатиот академски сликар Светлин Русев од Бугарија. Признанието на добитникот ќе му биде врачено во присуство на Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски. Следниот ден на 19-ти јануари, добитникот Светлин Русев ќе присуствува и на свечениот настан на фрлање на крстот во водите на Охридското Езеро.
Русев како добитник на наградата беше одбран од страна на седум членото интернационално жири, предводено од Претседателот на Охридската Академија на Хуманизмот, Јордан Плевнеш.
Во продолжение дел од писмото што Светлин Русев го испрати до Претседателот на Охридската Академија на Хуманизмот, Јордан Плевнеш:
„Почитуван г-дине Плевнеш,
Најпрво дозволете ми да ја изразам мојата благодарност до вас и до меѓународното жири на Охридската Академија на Хуманизмот за наградување на мојата креативна и општествена активност со Светската награда за хуманизам за 2014 година. Почестен сум да станам дел од истакнатото духовно семејство на Светската награда за хуманизам.
Живееме во свет на хаос, насилство, осаменост и илузии и единствениот можен сет на правила по кој треба да се водиме треба да потекнува од нашата морална, општествена и професионална одговорност. Мисијата на Охридската академија на хуманизмот е да се усогласат напорите за создавање на светот како дом на верата и хуманизмот со современието и со нашиот сопствен индивидуален развој.
Со целосна свест за големата одговорност што треба да ја понесам со оваа престижна награда, можам да Ве уверам дека ќе вложам безрезервни напори да станам еден од градителите на тој заеднички дом.
Ви благодарам уште еднаш со целото мое срце!“