Светиот крст во рацете на Петар Рупески од охридски Варош

Петар Рупески од охридски Варош, по вторпат во животот успеа да излезе од ладните езерски води со Светиот крст во рацете на прославата на празникот Богојавление – Водици во Охрид.

Во водите на Охридското Езеро крстот денес го фрли владиката Јосиф, митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија.

– Пресреќен сум Го фаќам крстот по втор пат. Првиот пат тоа беше во 2005 година и навистина тогаш ми донесе многу среќа во животот. Посакувам секој да го фати крстот и да го доживее она што не можам да го опишам со зборови, изјави Рупески.

Денешната манифестација се одржа пред дваесеттина илјади верници. Од нив помеѓу 700 – 1.000 влегоа во водите на езерото, а покрај од Охрид „скокачи“ имаше и од Шпанија, Чешка, Бугарија, Србија и др.

Годинава, настанот во Охрид го проследија и бројни новинарски екипи од Македонија и од Србија, Хрватска, Албанија и Бугарија, што укажува дека оваа манифестација во градот под Самоиловата тврдина е една од најмасовните и најатрактивните во поширокиот регион.

Одбележувањето на овој голем православен празник со сите црковни обичаи започна со утринска света литургија во црквата „Света Богородица – Каменско“. По богослужбата, литијата низ чаршијата се упати кон градското пристаниште.

Во Охрид денеска, по традиција се служи топла ракија, но и вино, во пријатна атмосфера и со желби празникот да се слави  уште многу години во добро здравје.

извор: Супер радио

Vodici_Ohrid_2014_b Vodici_Ohrid_2014_c