Груевски: Малите хидроцентрали ќе се нудат во пакети за да бидат поатрактивни

Новиот јавен повик за изградба на 80 мали хидроелектрични централи на повеќе локации во Македонија е направен по приницпот на пакети за да биде поатрактивен за инвеститорите, појасни  премиерот Никола Груевски.

„Пред 10-тина дена се објави повикот за изградба на 80 нови мали хидроелектрични централи. Од нив 48 ќе бидат групирани по неколку во 16 пакети, од кои некои по два, некои по три, а една или две по пет хидроелектрани. Се одлучивме за пакети затоа што некои од хидроелектричните централи не се атрактивни сами по себе, но ставени во пакет со две, три, четири, па и пет стануваат многу поатрактивни за инвеститорите“, – рече Груевски.

Нагласи дека во подготвителната фаза пред објавувањето на повикот со потенцијалните инвеститори дискутирале за понудените пакети за да го опипаат нивниот интерес и да ги чујат коментарите.

„Откако ги собравме мислењата од сите страни, како на експертите, стручните лица, професорите, така и на бизнис фелата, компониравме пакет во кој 48 хидроелектрани ќе бидат во 16 групи, а 32 локации ќе бидат поединечно понудени да бидат дадени под концесија. На овој начин очекуваме да привлечеме домашни и странски инвеститори“,  потенцира Груевски.

Посочи дека доколку бидат изградени сите 80 мали хидроелектрични централи ќе учествуваат со 64 мегавати во електроенергетскиот систем на Македонија и ќе ја подобрат еколошката состојба. Нивната изградба ќе значи инвестиција од околу 170 милиони евра. Предвидено е хидроелектраните да бидат градени три години, а потоа 20 години да бидат експлоатирани од страна на концесионерот по што ќе станат сопственост на државата.

„Изградбата на малите хидроелектрани ќе има влијание и врз градежниот сектор. Ќе отвори нови работни места за време на нивната градба, но и значајна бројка на нови работни места откако ќе бидат изградени“, потенцира Груевски.