Министерството за образование и наука најави реформирање на училишниот спорт, со цел во наредниот период во него да бидат вклучени и до 100.000 ученици, наспроти 30.000 колку што биле во минатата учебна година.
За таа цел е подготвен Акциски план 2014-2016, интернет-страница sporstkiigri.mon.gov.mk за распоред на натпревари и резултати, а за поголема популаризација училишните спортски натпревари ќе бидат и медиумски покриени од Македонската радио телевизја.
Новините денеска на прес-конференција ги најави министерот за образование и наука Спиро Ристовски, заедно со првите луѓе на Агенцијата за млади и спот и на Федерацијата на училишен спорт на РМ, Марјан Спасески и Александар Туфекчиевски.
Акцискиот план предвидува во секое училиште да се формира училишен спортски клуб, кој по своја програма ќе ги реализира активностите и спортските натпревари. Во општините со повеќе од пет училишта ќе се формираат општински сојузи за училишен спорт, задолжен за спроведувањето на натпреварите и спортските манифестации, согласно со календарот на натпревари и пропозициите на Федерацијата за училишен спорт.
„ Предвидено е воведување нови програмски содржини за организирано спортување, односно масовен спорт, преку кој е можно вклучување на голем број ученици, како натпревари од атлетските крос дисциплини, планинарски и велосипедски тури и слично. Освен новите содржини, ќе продолжи да се реализира редовниот систем на училишни натпревари од март до јуни, во домаќинство на повеќе општини“, – рече министерот Ристовски.
Додаде дека во реформирањето на училишниот спортски систем и во зголемувањето на опфатот на ученици од основното и од средното образование во училишните, општинските, регионалните и националните спортски натпревари е важна и активната сорабока на локалните самоуправи.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Спасески информираше дека од новите програмски содржини најпрво ќе се почне со училишен атлетски крос во март, од кој националниот напревар за сите основни и средни училишта ќе биде на 17-ти и 18 мај 2014. Во периодот март-јуни во Скопје ќе се реализира и обука за непливачи „Научи да пливаш“, а од 21-ви до 27 март и од 13-ти до 19 октомври годинава ќе се организира „Недела на движењето“ за деца од рана и претшколска возраст.
Според податоците на Федерацијата на училишен спорт, во последните неколку години околу 35.000 основци и средношколци или меѓу 8 и 10 проценти учествуваат во училишни спортски активности. Целта на овој проект е вклученоста да достигне до 50 отсто за што, како што посочија на прес-конференција, ќе придонесе и подобрувањето и инвестирањето во спортската инфраструктура и новите спортски сали низ Македонија.