Наставната програма за стручен испит за звање туристички водич е ревидирана и значително унапредена за да се подигне квалитетот на оваа професија во Македонија. Програмата ја утврдија Министерството за образование и наука, двата државни факултета за туризам, во Охрид и во Штип, Стопанската комора на Македонија и Здружението на туристичките водичи.
Новините се во согласност со стандардите во Европа, а се преземени и искуства од Хрватска и Црна Гора, како развиени туристички земји во регионот. Туристичките водичи од Македонија во иднина ќе може активно да работат во земјите на ЕУ, а не како досега за посета на некоја западноевропска земја туристите да плаќаат локален туристички водич.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција рече дека со подигањето на стандардите и критериумите во оваа дејност ќе се зголеми и конкуренцијата, а и интересот на тие што сакаат да бидат туристички водичи.
„ Крајниот интерес и бенефит ќе го има Република Македонија затоа што развојот на туризмот се повеќе е приоритет на Владата и зашто имаме континуиран пораст на туризмот во земјава… Досега беше индивидуално. Се запишуваа на факултетите, но малку од нив работеа како туристички водичи. Не постоеја критериуми и во детали разработени процедури за нивно лиценцирање“, рече Ристовски, најавувајќи ги новините за професионализација на туристичките водичи.
Утврдено е обуката да опфаќа 610 часа од по 60 минути, дефиниран е бројот на часови за секој одделен предмет, методите, демонстрација, контрола од инструктор, услови за пријавување на кандидатите, цената, сертификатот и легитамацијата за туристички водич итн..
За да добијат лиценца, туристичките водичи ќе треба да полагаат и практичен дел, а не само теорија како што беше досега. Практичниот дел од испитот подразбира симулација на водење група туристи и кандидатот ќе го полага најмалку 75 дена по неговото пријавување за обука на факултетот. Полага пред комисија, на јазик по свој избор – може на македонски или на кој било светски јазик.
Унифицирана е и цената што треба да ја уплати кандидатот за туристички водич и таа ќе биде 15.000 денари. Досега за цената одлучуваше самиот факултет. Првиот уписен рок ќе биде во јуни, а вториот, веројатно, во октомври.