Со цвеќе и искрени желби за добро здравје, градоначалникот Никола Бакрачески на највозрасните жени од градов згрижени во Геријатриското одделение при Општата Болница им го честита 8-ми март – меѓународниот ден на жената, изразувајќи надеж дека половата дискриминација ќе стане минато.
„Од ова место сакам на сите жени од Охрид и Македонија да им посакам многу здравје и среќа, помалку грижи и се надевам дека еден ден никаде нема да има ниту социјални ниту полови предрасуди“, рече градоначалникот Бакрачески, кој во опуштена атмосфера го испи утринското кафе со згрижените во ова одделение кои му раскажуваа за своето секојдневие, а Градоначалникот ги слушаше и предлагаше решенија за проблемите кои ги тиштат.
Директорот на Општата Болница, Љубен Арнаудов се заблагодари за вниманието на Градоначалникот кон згрижените во Геријатриското одделение како и за интересот што тој го има во поглед на осознавање и решавање на проблемите.
„Градоначалникот пројави интерес овој геријатриски центар да го развиеме во подобар и посовремен каков што заслужува Охрид“, истакна директорот Арнаудов.
Во геријатриското одделение во Охрид се згрижени 18 припаднички на понежниот пол.