Советувањето на родители и ученици оваа учебна година е тројно зголемено од минатата, оцени денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Во учебната 2012/2013 година имало 6.932 повикувања за советување на родители и ученици, додека оваа учебна година, заклучно со февруари имало 18.774 повикувања, од кои 8.490 биле во основните и 10.284 во средните училишта. Поради намален успех на ученикот реализирани се 12.364 советувања, за изостаноци 5.107, несоодветно однесување на ученикот 1.076 и поради комбинација од повеќе причини имало 227 советувања со упатување на родители и ученици во Центарот за социјална работа.
Зголемувањето на бројката, според ресорниот министер, е резултат на зголемената ажурност и одговорност на училиштата.
„Во најголема мера се должи на заложбите на Министерството за образование и наука и Владата за зајакнување на психолошко-педагошките сллужби во училиштата, преку обезбедување на профилите педагог и психилог во сите училишта каде што досега не постоеја. Од вкупно потребните 294 стручни лица, според проекциите од минатата година, веќе се ангажирани нови 70 психолози, 105 се планирани за оваа учебна година, а дополнителни 119 за 2015 година“, рече Ристовски.
Советувањето на родителите и учениците, додаде, се реализира преку стандардизирани програми за оваа намена, развиени од психолози и педагози.
„Родителот добива совети за тоа каков пристап треба да има во едукацијата, односно во воспитувањето на своето дете, со што повторно се вклучува во системот и се овозможува негова поголема заинтересираност и информираност, која резултира со поквалитетно и повисоко образование за неговото дете. Ученикот се советува заради превенција, коригирање на одредени облици на однесување и адаптација на училишната средина“, појасни Ристовски.
Во делот на советувањата, како што рече, на почетокот постоеле реакции кај дел од родителите, поради сомнеж за континуираноста и реализацијата на процесот. Сега, како што информира министерот, процентот е намален, односно се движи меѓу три и седум отсто родители кои имаат дилема дали треба да одат на овие советувања.
„Има значително подобрување во информираноста на родителот за однесувањето, поведението и квалитетот на образование и посетуваност на наставата кај ученици. Се намалува процентот на родители во однос на тоа дали треба или не треба да одат на советувањето и дали треба да очекуваат пораст на квалитетот на статусот на нивните деца“, истакна Ристовски, посочувајќи дека процесот ќе продолжи да се имплеметира и да ги дава очекуваните резултати.