Само во минатата година се инвестирани 100 милиони евра за градба и реконструкција на многу регионални и локални патишта, што има големо влијание за растот на економијата во земјата. Годинава веќе се градат три автопати истовремено, истакна премиерот Никола Груевски.
„Оваа година се дава поголем импулс на инфраструктурата затоа што веќе се градат три автопати. Новата градба на автопатот Скопје-Штип, како и автопатот во западна Македонија од Охрид до Кичево ќе биде сериозен импулс на градежниот сектор, а покрај градежниот и многу други сектори ќе добијат нова енергија,“ – изјави Груевски во интервју за телевизија Сител.
Изградбата на автопатот Демир Капија-Гевгелија треба да заврши до 2016 година.
„Крупни работи се прават, никогаш во Македонија не се граделе три автопати истовремено. Ова е прв пат истовремено да се градат три автопати и паралелно на тоа да се градат или реконструираат регионални локални патишта“, – вели премиерот.
Покрај изградбата на патиштата се гради и пругата кон Бугарија, проект вреден 550 милиони евра.
„Во железницата се конструира и Коридорот 10, се набавија 150 нови товарни вагони, а ќе се замени и 60 проценти од возниот парк на патничките вагони. За товарните вагони веќе е склучен договорот, а за патничките е пред склучување“, – истакна Груевски.