Перманентна работа за промовирање и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебарца е заложба која Црвен крст Охрид ја поставува на високо рамниште.
„Потребите од крв и крвни продукти за задоволување на потребите на здравствените установи во нашиот град бараат постојана ангажираност на активистите на Црвен крст и службите за трансфузиологија во текот на целата година. Преку соодветна програма на соработка и мотивација на крводарителите за доброволно дарување крв, со организирање на редовни и вонредни крводарителски акции, годината што измина беше успешна со реализирани 1734 дарувања крв, односно предвидениот план беше надминат за 2.79 %. Хуманоста што ја покажаа нашите крводарители преку доброволно дарување крв допринесе да бидат спасени многу човечки животи.“– информираат од Црвен Крст Охрид.
Честитајќи им го 17 март, Денот на крводарителството во Р.Македонија, Црвен крст Охрид изразува благодарност и почит кон сите крводарители, поединци, фирми, институции кои го помогнале развојот на крводарителството во Охрид и Дебарца и ги поканува на пригодна свеченост во просториите на Црвен крст Охрид, утре 18 март (вторник), со почеток во 12:00 ч., на која ќе бидат доделувани признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството.