Петто по ред намалување на цените на лековите, поевтинуваат 352 лека

Вкупно 352 лека (218 генерички и 134 иновативни лекови и оригинатори) меѓу кои се оние за болничка употреба и оние кои се купуваат во аптека од денеска имаат намалени цени. Станува збор за петто по ред намалување на цените на лековите со кое вкупната проценета заштеда на годишно ниво изнесува 3.234.210 евра. Заштедата од сите пет намалувања на цените на вкупно 3.000 лекови досега е над 30 милиони евра.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здразвство Никола Тодоров, кој рече дека континуираното намалување на цените на лековите, направено согласно последните измени на Законот за лекови и донесената методологија за начинот на формирање на цените на лековите се прави два пати годишно (во октомври и март) и оти со таа политика Владата ќе продолжи и во иднина.

Значително намалување, потенцира министерот, има кај речиси сите фармакотерапевтски групи на лекови, посебно кај антинеопластици и имуномодулатори, лекови за висок крвен притисок, аналгетици, антибиотици, антимикробни лекови, антивирусни лекови, седативи, антиревматски, како и лекови кои делуваат на желудник и гастроинтестинален систем, имуносупресиви и др.

„Просечното намалување на генеричките лекови изнесува 18,42 проценти. Големо процентуално намалување има кај генериките: Miconazole (лек за габични инфекции) – 88,39 oтсто, Carbamazepine(за епилепсија) – 65,83 отсто, Irinotecan (лек за карцином)– 64,44 отсто, Topiramate (епилепсија)– 62,53 отсто, Sodium fluoride (лек за зајакнување на забите) – 61,91 отсто, Diclofenac (лек за намалување на болката и воспалението) – 54,41 отсто и Azithromycin (антибиотик) – 45,88 отсто“, посочи Тодоров.

Нагласи дека најголемо намалување се јавува кај генериките Ironotecan од 100 ml (лек за карцином) – со разлика во цена од 64,44 отсто (старата цена била 8.450 денари, а новата е 3.004,98, (разликата во цена изнесува 5.445 ден.), Gemcitabine од 1g (лек за карцином) – со разлика во цена од 49,24 отсто (стара цена-7.861 ден., нова цена-3.990 ден., а разликата во цена изнесува 3.870,47 ден., Fentanyl 75mcg/h (аналгетик) – со разлика во цена од 50,43 отсто (стара цена-3.970,14 ден., нова цена-1.968 ден., при што разликата во цена изнесува-2.002,15 ден.) и кај многу други лекови.

„Вкупна проценетата заштеда кај генеричките лекови годишно изнесува 130.139.000 денари (околу 2.116.000 евра). Најголемо заштедување е проценето кај генериката Heparin (антикоагуланс) од 25000 IE (интернационални единици)/5ml x 10 стаклени вијали со намалување на максималната цена од 1.999 денари на 1.877 денари, со што годишно се заштедуваат-254.300 евра. Кај генериката cefixime (антибиотик) од 400 mg и пакување од 10 филм-обложени таблети, каде има намалување од 880 денари – на 604 денари, со што ќе има годишна заштеда од околу 192.590 евра“, рече Тодоров.

Просечно процентуално намалување на цените на 134 оригинатори и иновативни лекови, како што посочи, изнесува 6,44 отсто, додека просечна цена на намалување на овие лекови изнесува 368 денари.

„Најголемо процентуално намалување се јавува кај генериките: Mirapexin (лек за паркинсонова болест)-43,27 отсто, Nebilet (за висок крвен притисок)-42,63 отсто, Prograf (имуносупресив -го контролира одговорот на имуниот систем)-37,71 отсто, Thyphim Vi (вакцина)-35,93 отсто, Eprex (се користи во третман на анемија)-18,67 отсто и Novamorf (аналгетик за силни болки)-16,62 отсто. Проценета заштеда кај лековите оригинатори и иновативните лекови изнесува 68.730.000 денари (1.117.560 евра)“, истакна Тодоров.

Нагласи дека најголема проценета заштеда има кај лекот Rebif 44 (интерферон, за третман на мултиплекс склероза) од 44 mcg односно станува збор за намалување од 56.786.64 денари на 50.795.46 денари, со што годишно се заштедуваат околу 701.400 евра.

„Со намалување на цената на лекот Xeloda од 500 mg (за метатстатски карцином), од 17.983.34 денари на 16.053.50 денари, годишно ќе се заштедуваат околу 105.968 евра. Намалување има и кај лекот Bonviva (за коскени заболувања) од 150 mg од 1.158 на 1.045 денари, што ќе значи годишна заштеда од 61.892 евра,“ рече Тодоров.

Укажа на неколку примери за препишани лекови од „Мој термин“ и соодветната заштеда од употребата на тие лекови како што се генериката Lisinopril од 20 mg, од септември 2013 до март 2014 година била препишана 385.301 пати од страна на матичните лекари, односно заштедата за 6 месеци би изнесувала 73.800 евра. Истата генерика од 10 mg, во последните 6 месеци, како што рече, е препишана 227.380 пати, а заштедата во споменатиот временски период би била околу 44.300 евра

„Според податоците од „Мој термин“, лекот Bonviva во последните 6 месеци е препишан 17.880 пати. Заштедата за пола година според намалувањата би изнесувала 2.020.440 денари (32.850 евра). Генериката lansoprazole од 30 mg, во сите свои фармацевтски форми и пакувања во последните 6 месеци била препишана 168.740 пати од страна на матичните лекари, а заштедата би изнесувала околу 348.700 евра. Таа генерика во последните 6 месеци е препишана кај 62.037 различни пациенти“, истакна Тодоров.

Нагласи дека значењето на оваа реформа е тоа што граѓаните тие лекови ги набавуваат по поевтини цени, при што заштедените средства остануваат во здравствениот систем и се издвојуваат за набавка на лекови.

Директорката на Бирото за лекови, Катерина Алексоска рече дека со намалувањето се опфатени лековите за болничка употреба и лековите кои граѓаните ги купуваат во аптека.

Таа наброја дел од лековите за болничка употреба кај кои има намалување на цената се: Cellcept (имуносупресив), DianealPD4 (раствор за перитонеална дијализа), Roferon (имуномодулатор), а меѓу лековите кои граѓаните ги купуваат во аптека, а кај кои има намалување се: Diclofenak, Ketoprofen (лекови за болка и антиревматски), Amoxicillin, Ampicillin, Azithromycin, Cefalexin, Clarithromycin, Cefuroxime, Cefixime (антибиотици), Miconazole (антимикотик), Lisinospril, Lisinopril со Hydrochlorotiazid, Losartan (антихипертензиви), Isosorbide mononitrate (вазодилататор), Omeprazole, Lansoprazole,Pantoprazole (лекови кои делуваат на желудник и гастроинтестинален систем), Risperidone (антипсихотик), Clopidogrel (антитромботик).

„Доколку би ги сумирале проценетите заштеди на годишно ниво, заштедата кај генеричките лекови изнесува 2.116.650 евра, додека проценета заштеда кај лековите оригинатори и иновативните лекови -1.117.560 евра. Погледнато поединечно, вкупна годишна заштеда кај генеричките лекови и оригинатори за лекови од болничката листа изнесува 1.773.500 евра, додека вкупната годишна заштеда кај лекови од примарна здравствена заштита, односно во аптеки изнесува 1.460.200 евра“, истакна Алексоска.

Министерот Тодоров додаде дека продолжуваат заложбите на Владата и на Министерството за намалување на цените на лековите како една системска реформа која во континуитет ја спроведуваат со цел овозможување поголема достапност на лековите кои се неопходни за одржување на здравјето, за превенирање и за лекување на одредени заболувања.