Два милионa евра се достапни до крајот на годината за иновации и технолошки развој преку новоформираниот Фонд за иновации. Квалитетот ќе биде единствен критериум за поддршка на проектите, а првите се очекуваат во септември годинава. Од денеска во наредниот период Фондот почнува со информирање за инструментите што се нудат.
„Ќе се пристапи кон комплетно информирање на сите субјекти, индивидуални или правни кои сакаат да се вклучат во овој процес, а со цел да добиеме што поквалитетни апликации и проекти“ изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски пред денешната прва средба со Сојузот на стопански комори.
Тој додаде дека за државата овој процес е важен бидејќи значи директно поврзување на иноваторите со компаниите кое ќе донесе до зголемување на увозот и извозот и до директен развој.
Директорка на Фондот Јасмина Поповска посочи дека целта на оваа и на серијата средби што ќе следат, е да се подготват што поквалитетни проекти.
„Вложуваме, поттикнуваме и промовираме иновации бидејќи тие се основа на една економија базирана на знаење и кои треба да придонесат кон поголем економски раст и повеќе работни места“, истакна Поповска.
Извори на финансирање се Светска Банка од каде се обезбедени 9 милиони евра, од основниот буџет и 1 процент од Програмата за рурален развој. Според неа, секоја година ќе се прави план, а од квалитетот на проектите зависи колку ќе се искористат.
Максималната сума која може да се добие од Фондот е до 30 илјади евра за старт на бизнис, 100 илјади евра за инструментот за комерцијализација на иновации, 200 илјди евра максимум за трансфер на технологија и за акцелератори 500 илјади евра.
Поповска посочи дека покрај овие основни грантови, има и за програми за кофинансирање.
Формирањето на Фондот е по барање на бизнис заедницата. Според претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Златко Калеников, тој треба да претставува линк за поврзување на македонските компании и иноваторите.
„Македонските компании се доста иновативни, но недостасуваше линк меѓу иноваторите и бизнис секторот и се надевам дека овој линк сега ќе се воспостави преку овој Фонд, кој ние го баравме долго време“, изјави Калеников.
Фондот за иновации е основан во декември минатата година.