Избирачкиот ден, според информациите со кои располагаме досега се одвива главно во мирна, фер и демократска атмосфера. Досега во регионалните штабови на Министерството за внатрешни работи и во полициските станици нема пријавено никакви посериозни инциденти кои би го нарушиле гласачкиот процес.
За разлика од денеска, во текот на вчерашниот ден, односно за времетраење на молкот, беа пријавени неколку нарушувања од различен карактер.
Околу 18.00 часот во ПС-Центар, граѓанин од Скопје, пријави дека во 16,36 часот на неговиот мобилен телефон добил СМС порака напишана на албански јазик со следнава содржина: „Недела 13.04.2014 година ти и твојата фамилија кажете НЕ на претседателските избори. Не излегувајте на избирачките места, не излегувај нема за кого да гласаш“.
Освен тоа, пријавени се и неколку оштетувања на штабови на политички партии. Материјалната штета е минимална, а полицијата постапува по пријавите и презема мерки за целосно расчистување и документирање.
Во времето од 10.00 до 14.00 часот во Скопје, во градскиот парк, поточно зад северната трибина на Арената “Филип Втори Македонски“, од страна на една коалиција која учествува на предвремените избори се снимал видео материјал, односно спот, при што учество земале околу 100 граѓани. Во текот на снимањето, во неколку наврати, на коловозот и тротоарот под северната трибина, нарушен бил нормалниот тек на сообраќајот.
Еден од покарактеристичните настани е регистриран во 13.45 часот во Кратово, каде еден од носителите на кандидатските листи и неговата сопруга, го нарушиле предизборниот молк на тој начин што во неколку угостителски објекти и на неколку паркирани моторни возила на Плоштадот “Павел Шатев“, оставиле пропаганден материјал (флаери) со негова фотографија, на кои стоел натпис на партијата со насока да се заокружи неговиот реден број на избирачкото ливче. Од страна на полициски службеници биле подигнати дел од флаерите, со горенаведените лица бил обавен разговор и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. Истиот кандидат, нешто подоцна во времето од 18.00 до 20,30 часот и во Свети Николе, го нарушил предизборниот молк на тој начин што во градскиот парк “Александар Серафимов“ и движејќи се по ул.„К.Рацин“ и ул.„Пл.Илинден“, делел пропаганден материјал (флаери), со цел да ја рекламира политичката партија која го номинирала како носител на изборната единица бр.3. Во времето од 21,45 до 23,50 часот, тој бил приведен во ПС и со истиот бил обавен разговор. Со потврда за привремено одземени предмети, од истиот се одземени 9370 флаери, така што и за овој случај против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во текот на денешниот ден единствено е регистрирано нарушување на јавниот ред и мир на подрачје на СВР Струмица во с.Смоларе во 07,30 часот, на избирачко место 1782, каде кратко било прекинато гласањето поради нападнат член на избирачкиот одбор. Во врска со 10-минутниот прекин на гласање во с.Смоларе по извршениот увид случајот е расчистен и против две лица од Смоларе ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка за сторен прекршок „предизвикување, поттикнување и учество во тепачка“ од ЗППЈРМ. Гласањето продолжи во 07,40 часот.