Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес-конференција по повод прифаќањето на кандидатурата за организација на Европското првенство во кендо-иаидо во Македонија.
На прес-конфенренцијата учество земаа директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, претседателот на Кендо-Иаидо федерацијата на Македонија Златко Кескоски и директорот на СЦ Борис Трајковски Ратко Капушевски.
Директорот Спасески во почетокот на говорот упати честитки до претседателот на Кендо-иаидо федерацијата Златко Кескоски, кој е најзаслужен за овој успех.
Спасески потенцираше дека добивањето на организацијата на европското првенство не е случајна.
„Изминатите години федерацијата со поддршка од Aгенцијата за млади и спорт имаше многубројни активности во насока на промовирање, развој и приближување на овие боречки вештини во Mакедонија. Федерацијата го организираше 3-то балканско првенство во кендо, со повеќе од 100 учесници од 7 држави. Секоја година македонската кендо-иаидо федерација ја организира манифестацијата сакура на главниот плоштад во скопје, каде се презентира јапонската култура и боречки вештини. Исто така, секоја година федерацијата организира интернационални кендо и иаидо семинари и натпревари“, – истакна Спасески.
Спасески упати благодарност до СЦ „Борис Трајковски“ кој целосно ќе ја покрие организацијата на Европското првенство и додаде дека Република македонија како организатор, била домаќин на голем број меѓународни натпревари и секогаш, спортистите си заминувале задоволни од гостопримството на државата.
Претседателот на Кендо-Иаидо федерацијата на Македонија Златко Кескоски пред да се обрати го презентираше знамето на Европската Кендо-Иаидо федерација.
Кескоски истакна дека кендо Иаидо федерацијата на Македонија со посветена работа успеа да ја добие организацијата за 27-то Европско првенство во кендо кое ќе се одржи во период од 14-17 Април 2016 година во Скопје. Тој дополни дека се очекува пријавување на околу 700 учесници од 40 земји и високи делегации од интернационалната и јапонската кендо федерација и голем број на интернационални судии и делегации.
Директорот на СЦ „Борис Трајковски“ Ратко Капушевски се осврна на големиот број меѓународни натпреварувања кои ги има организирано спортскиот центар и додаде дека ќе му претставува задоволство во давањето поддршка и логистика за организација на Европското првенство во 2016 година.