Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска по 19-пат е одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 Април. Читателите и годинава традиционално добија книга и роза.
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје Иван Заров истакна дека денешниот ден е поврзан со двајца големи магови на пишаниот збор, кога во 1.616 година починале Сервантес и Шекспир. Наша примарна задача е бројот на читатели да го зголемуваме од година во година и да имаме се повеќе млади читатели, рече Заров и додаде дека одбележуваат 70 години од формирањето. Изрази задоволство што имаат млади читатели кои, како што рече, ги покануваме и привлекуваме да ја консумираат духовната храна. Додаде дека читањето треба да се анимира од најмлади години.
Писателот и академик Митко Маџунков смета дека во последно време интересот за книгата расте и е во постојан подем.
„Како што ќе врви времето, таа тенденција ќе биде се поочигледна. На крај ќе се види дека книгата е спас за човештвото и оти без неа нема опстанок. Овој момент да згасне пишаниот збор, ќе згасне и цивилизацијата. Книгата е ризница на колективната и на индивидуалната меморија“, рече Маџунков.
Лидија Топузовска, генерален секретар на Националната комисија за УНЕСКО посочи дека Република Македонија е земја со долго и богато културно творештво, лулка на словенската писменост, земја со познати просветители и автори – мајстори на пишаниот збор и со граѓани кои ги сакаат книгите и ги чуваат како непроценливо богатство.
„Книгата има универзално значење. Таа е нематеријално културно наследство на човештвото, средство кое ја изразува и во исто време ја зачувува културната разноликост на народите кои живееле и живеат на планетата Земја. Книгата е инструмент за описменување, едукација, за размена и актуелизирање на основните знаења од сите области“, рече Топузовска.
Блаже Миневски е најчитан автор во 2013 година, според добиените податоци за искористување на фондовите на 26 јавни библиотеки во Република Македонија.
Францускиот институт во Скопје и Институтот „Конфуциј“ подарија повеќе книги и монографии за НУБ „Св. Климент Охридски“.