Со положување цвеќе пред споменикот на ослободителите на Скопје денеска во Македонија официјално е одбележан 9 Мај – Денот на победата над фашизмот.
Цвеќе положија делегација на Владата предводена од премиерот Никола Груевски, делегации од Собранието, од Кабинетот на Претседателот, од АРМ, Град Скопје, претставници на борците, на политичките партии, на ОБСЕ и на амбасадите на Русија, Србија, Украина и САД.
На 9 Мај 1945 година Германија ја потпиша капитулацијата со што официјално заврши Втората светска војна. Сепак, како што посочи борецот на Втората македонска ударна бригада Александар Коневски, кој завршувал во завршните борби за ослободување на Југославија, војната во поранешната држава траела до 15 мај.
– Добро се сеќавам на овој ден, бидејќи бевме многу среќни кога разбравме дека Германија капитулирала иако борбите за целосно ослободување на Југославија траеја до 15 мај, изјави Коневски.