Стратешки подморници на руската армија извршиле две истрелувања на балистички ракети, во рамии на воена вежба, која се одвива под директен надзор на претседателот Владимир Путин, јавуваат тамошните медиуми, пренесува Нетпрес.
Во воената вежба учество зеле сите армиски единици од целата територија на Русија, вклучително и нуклеарните сили. Направена била симулација на масивен нуклеарен напад, како одговор на непријателски напад, изјавил рускиот претседател.
„Ова е необично силна изјава, која го одразува зголемувањето на затегнатоста на ситуацијата со Западот поради Украина“, вака ги оцени зборовите на Путин новинската агенција „Ројтерс“.
Рускиот претседател изјавил дека воените маневри биле планирани уште во ноември, лани. Тој се обратил од централата на руското министерство за одбрана, од каде ја набљудувал вежбата на армијата заедно со лидерите на бившите советски републики, кои се дел од Договорот за колективна сигурност.
Претходно денеска Путин изјавил дека украинската криза е последица на „неодговорна политика“, и додал дека отпочнувањето на дијалог на еднакви, односно меѓу властите во Киев и сепаратистите во југоисточна Украина, е клуч кон намалување на тензиите, пишува „Ројтерс“.
„Примерот со нашиод сосед, нашата братска Украина, јасно покажува дека неодговорната политика е причинител на мноштво непријатности и загуби“, рекол Путин.
Инаку на вчерашните воени маневри на руската армија стратешките ракетни подморници од типот „Тула“ од Северната флота, како и „Подолск“ од Тихоокеанската флота, извршија истрелувања на балистички ракети од водите на Баренцовото и на Охотското море, соопштил претставник на руското министерство за одбрана, цитиран од новинската агенција Итар-Тасс.
Тој потенцирал дека подморниците ги истрелале ракетите додека биле под водата. Боевите глави на ракетите ја погодиле целта во предвидениот рок.
Воените вежби биле наменети за потврдување на борбената готовност, како и за ефективноста на сите родови на армијата на Русија, вклучително на нуклеарните и на поморските сили, и тоа на целата територија на земјата, информирало министерството за одбрана.
Извор: Нет Прес