Министерството за образование и наука го објави конкурсот за запишување студенти во прва година на државните универзитети за повозрасни граѓани за 2014/2015 година. Новина во годинашниот, петти по ред конкурс од воведувањето на проектот, е тоа што возрасната граница за мажи е намалена од 45 на 35 години, а за жени од 35 на 30 години.
За наредната академска година за таа категорија студенти слободни се 715 места за 46 студиски програми на 17 факултети. Најголем број места (335) има за Државниот универзитет-Тетово, за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за нив се слободни 230 места, на „Св. Климент Охридски“-Битола има 70 и на „Гоце Делчев“-Штип слободни се 80 места.
Министерот Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека слободните места се проектирани внимателно, во согласност со информациите за дефицитарност на струките и реалните потреби на пазарот на трудот од соодветниот кадар.
Кандидатите теба да имаат завршено четиригодишно средно образование и заснован работен однос на неопределено време или невработени лица кои се пријавуваат во Агенцијата за вработување најмалку пет години. Годишното кофинансирање на студиите е 200 евра. На веб-страницата на МОН (www.mon.gov.mk) е објавен конкурсот и факултетите кои обезбедиле места за студенти од проектот 30/35. Критериумите за упис ги објавуваат самите факултети.
Министерот Ристовски информираше дека во изминатите години околу 1.200 граѓани ја искористиле можноста да стекнат високо образование на поголема возраст. Во првата година од воведувањето на проектот одѕивот бил најголем, а во секоја година квотите се искористени во просек од 40 до 50 отсто. Најголем бил интересот за студиски програми од техничките науки.
„Со оглед на тоа што оваа година можноста се проширува и се нуди на поголема категорија граѓани, очекувам и бројот на оние коишто ќе ја искористат и ќе се запишат на некој факултет, исто така да биде зголемен“, рече Ристовски.