Традиционално Територијалната противпожарна едниница во Охрид денеска го одбележа 20 мај- Денот на пожарникарството во Република Македонија. Најпрво пожарникарите продефилираа со противпожарните возиТа по улиците во Охрид, потоа следуваше презентација на противпожарната опрема во дворот на Пожарната, каде што граѓаните имаа можност да видат со какви возила располага противпожарната едниница во Охрид.
Исто така во салата во противпожарниот дом се одржа пригодна свеченост, на која што присутните ги поздрави командирот на охридската Противпожарна единица, Спасе Прентоски.
„Денес 20 мај – Денот на пожарникарството во Р.Македонија се слави како повод од формирањето на првото доброволно противпожарно друштво во градот Битола во 1836 година. Указот на тогашниот Румелиски валија во битолскиот регион била причина што во 1834 година во Битола да се случи еден огромен пожар каде што изгореле повеќе од 1280 куќи и дуќани. Првото доброволно противпожарно друштво било формирано од 15 работници – пожарникари, 14 оперативци и еден раководител. Тој ден од 1836 година, 20-ти мај е земен како ден за прославување на Денот на пожарникарството и пожарникарите во Р.Македонија.“– истакна Прентоски.
На свеченоста присуствуваше делегација од Општина Охрид предводена од градоначалникот Никола Бакрачески и секретарот Димитар Спасески. Денот на пожарникарите им го честита градоначалникот Никола Бакрачески, кој покрај честитките и искажаната почит за нивната работа, им посака да имаат што помалку случаи за решавање, особено оние во кои е загрозен човечкиот живот, успешно справување со предизвиците со кои често пати ризикувајќи ги своите, ги спасуваат животите на загрозените луѓе и материјалните добра.
„Општо е задоволството, мое и на граѓаните на Охрид од работата и ефикасноста на оваа единица и од начините со кој тие секојдневно се справуваат со предизвиците на оваа тешка професија. Јас и Локална самоуправа особено ја почитуваме и поддржуваме нивната благородна и хумана работа. Покрај тоа што се справуваат со спречување на пожари тие честопати учествуваат и во активности за спасување на животи при одредени елементарни непогоди, сообраќајни несреќи и други видови незгоди“, истакна градоначалникот Бакрачески.
Противпожарната единица во Охрид вели Прентоски, успешно и ефикасно се справува со појавените пожари во секој момент на подрачјето на општина Охрид и општина Дебарца.
„Не само пожарите, што противпожарната единица се справува во текот на годината, ние се грижиме и интервенираме за секоја потреба од интервенција при непогоди, сообраќајни незгоди, во заклучени станови, одредени животни кои што биле заглавени. Во секој случај постоиме како таква хумана професионална служба која што со тие средства што ги поседуваме, вршиме секакви видови на интервенции за спасување на животи и материјални вредности.“- изјави Прентоски.
Прентоски рече дека Територијалната Противпожарна единица од Охрид во 2013-та година имаше 223 интервенции од кои 116 беа на подрачјето на општина Охрид, во делот на објекти, во кои што 81 интервенција биле на индивидуални објекти и колективни станбени згради. Во 2014-та година Територијалната Противпожарна едница имаше вкупно 142 интервенции од кои 74 се на објекти.
„Покрај пожарите како професионална дејност, и оваа година имавме вкупно 42 технички интервенции од спасување на животи, материјални вредности при сообраќајни незгоди во јавниот сообраќај. Се надевам дека во иднина ќе има помалку проблеми за да се намали бројот на пожари, а со тоа и штетите ќе бидат помали, сето тоа да биде на задоволство на жителите на општина Охрид и општина Дебарца, каде што ние покриваме.“– истакна Прентоски.
Командирот Прентоски преку WebOhrid, со апел до сите граѓани на Општините Охрид и Дебарца:
„Јас апелирам до сите жители на подрачјето на општина Охрид и општина Дебрца, кои го следат вашиот медиум, во летниот период особено, каде ќе се движат како туристи, излетници, во било кој временски интервал, во текот на денот, совесно да се однесуваат со огнот.“- апелира Прентоски.
Прентоски ги уверува граѓаните дека Територијалната Противпожарна едница и во иднина високо професионално ќе ги извршува сите задачи и активности кои ќе претстојат, како што кажа со надеж дека ќе има помалку пожари, а граѓаните посовесно ќе се однесуваат, за заедничко добро на сите на подрачјата на општините Охрид и Дебарца како и цела Македонија.
WebOhrid