Симулација на сообраќајка во Градскиот парк во Скопје

Сообраќајна несреќа со голем број повредени и со изгореници денеска беше симулирана во Градскиот парк во Скопје во организација на Министерството за здравство и Светската здравствена организација во рамките на двегодишниот билатерален договор за соработка за 2014/2015 година како дел од активностите за подготовка и одговор при кризни состојби.

„Денеска симулацијата беше несреќа на судар на автобус со автомобил каде што има голем број повредени и еден загинат. Преку оваа вежба треба да видиме како функционира здравствениот систем во вакви ситуации. Со ваквите вежби овозможуваме вработените во здравствениот систем и учесниците во сообраќајот да се едуцираат како треба да постапуваат во ваков тип на несреќи“, истакна министерот за здравство Никола Тодоров по симулираната сообраќајка.

Со оваа симулација, рече министерот, ќе се направи спојување и со податоците од последната масовна сообраќајка што се случи на патот помеѓу Велес и Штип. – Односно ќе го добиеме одговорот на здравствениот систем со реална ситуација и одговорот на здравствениот систем во симулација, рече Тодоров.

Според него со вакви вежби на најдобар начин се помага на здравствениот систем за да се подигне на повисоко ниво за побрз и поквалитетен одговор во масовни несреќи.

Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравство појасни дека целта на симулацијата е да се види каква е подготвеноста за одговор на здравствениот сектор во координација со полицијата, противпожарната бригада, Центарот за управување со кризи, Црвениот Крст и Градот Скопје.

На симулираната сообраќајка во која беа ангажирани пет возила на итната помош, едно противпожарно возило и полиција, беше укажана прва медицинска помош, тријажа, ретријажа, евакуација и транспорт на повредени. Во сообраќајката беа повредени 20 луѓе од кои пет со потешки фрактури, четворица со повреди на екстремитети, пет со полесни повреди, едно лице со труење од чад и изгореници, две лица со коњуктивит, две лица со напад на паника и едно лице починато.