Животот, велат е најскапоцента работа за човекот, но не само за себе, туку со длабоко врежан инстикт за животот на најблиските и сите оние што ги сакате или почитувате. Вечна тајна ќе остане чувството кога од светлината нешто ќе ве втурне во непознат простор и време , во некое првично темно место, но полека како на изгресонце, ќе се појавува светлината, која од непознатиот простор и затвореното време, водена од чудесната потсвест, ќе ви ги отвори очните капаци и ќе го почуствувате блесокот на реалноста на овоземната светлина.
Влегувам секое утро во еден простор и гледам празен стол на кој седеше и со насмевка ме пречекуваше мојот драг колега,пријател и искрен човек, и ако претходно знаеше, дека не чека тежок ден. Со шепот, гледајќи во празниот стол, се прекрствувам пред портретите на светците и се молам да се избори за овоземската светлината. Мотивиран од мојот пријател и колега, мајстор на фотографијата, кој знае да ја улови душата на светлината и верува , во за нас, непознатите космички вибрации, ведриот и продлабочен дух на човекот кој секојдневно службено и се обраќа на јавноста и помладите колеги кои ја учат горчината и тежината на зборот, започнувам уште еден тежок ден.
Ме збунува и се чуствувам немоќен пред сознанието, дека некој има намера предвреме да го пополни столот на мојот пријател, кој се бори и верувам дека ќе се избори за светлината. Морам, пред себе и пред Бога и луѓето со добра мисла да признам, дека јас дојдов на местотото на мојот пријател кој не успеа да се избори со темното место. Пред да ја продолжам неговата мисија, собрав храброст и на збогувањето пред неговото вечно почитувалиште му порачав „ нека ти е спокојна душата и низ небото нека лета твојата добра мисла“ . Таа мисла ме држи досега и тоа ми дава сила да го пребродам новиот и за жал се потежок ден.
Тежок ми го прават денот оние кои не ја ценеа посветеноста на мојот пријател чиј стол сега е празен. Ги учеше и уверен сум дека ќе ги учи што значи животот, лојалноста и вербата во своите определби. За жал, наместо во интелектуална и политичка дебата да ги решаваат проблемите на граѓаните, тие се занимаваат со ситни интригантни игри и наместо да ги смируваат, ги шушкаат и караат луѓето меѓу себе. Наместо да извлечат поука од борбата за овоземната светлина и значењето на животот, заблудени од моќта на власта, ги забораваат оние кои се вложиле за нивната позиција и не помислуват дека можат да бидат дел од темната страна во борбата за светлината. Велат тоа не се клетви туку поуки за животот.
Заморен од уште еден од тешките денови, во просторот во кој дневно поминувам по осум часа, искрено замолив член од моето најтесно семејство да го најде милото девојче на кое како наставик му предаваше една година, да го гушне и дома да ми донесе дел од нејзината загрижена насмевка. Од рака на рака го добив чуството на загриженост, но и силна желба и верба дека ќе светне нов ден.
Низ животот ме водела мислата дека човекот што верува во доброто за себе и другиот, ќе се избори за светлината. Живеам со мислата, дека на празниот стол, достоинствено и со нему својствена насмевка, наскоро ќе седне мојот пријател и пријател на сите луѓе со добра мисла.
Искрено посветено на Васил Ложанкоски
Со почит,
Симон Илиевски
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.