Канческа-Милевска се сретна со дел од актерите од Глоуб театарот од Лондон

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска  прими дел од актерската екипа на шекспировиот театар „Глоуб“ од Лондон кои се гости на првото издание на Меѓународниот театарски фестивал МНТ-Фест, каде денеска ќе го играат Хамлет од 16 и 20 часот.

„На средбата со актерите од Глоуб театарот разговаравме за нашата идната соработка, која се надевам ќе се оствари. Имав можност да ги информирам за нашите активноси, инвестирање и вложување во културата и уметноста во Македонија, како и да споделам голем број на работи кои што досега ги направивме за нашите уметници и нашата култура“, истакна Канческа-Милевска.

Продуцентот на претставата Марија Ансалдо појасни дека во моментов се на двегодишна турнеја што ја започнале на 23 април оваа година и ќе трае до 23 април 2016 година. Македонија е 15 држава која ја посетиле до сега, а во рамките на турнејата планираат де играат претстави во 205 држави во светот. За актерската екипа и нивните улоги во Хамлет, Анасалдо појасни дека сите актери ги играат сите улоги.

„Во нашиот ансамбл има 12 актери и четворица сценски менаџери. Од актерите двајца го играат Хамлет, а останатите ги играат сите останати улоги,“ истакна Ансалдо.

Појасни дека во првата претстава од 16 часот ќе игра едниот Хамлет, а во 20 часот  другиот, така и актерската екипа комлетно ќе ги сменат своите улоги од првата претстава со втората.

Актерот Метју Ромеин кој игра 13 ликови во претставата истакна дека  начинот на менувањето на улогите е флексибилен и сложен начин. Тој додаде дека за нив менувањето на улогите е, како што кажа, возбудливо бидејќи дванаесет актери ги играат сите улоги во претставата.

Театарот на Шекспир „Глоуб“ од Лондон ќе ја добие наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот, која оваа година ја доделува Македонскиот народен театар на првиот меѓународен театарски фестивал.

Театарот Глоуб кој во Лондон се поврзува со името на Вилијам Шекспир е изграден од театарската компанија на Шекспир во 1599 година, а во пожар изгорел на 29 јуни 1613 година. Модерниот театар познат под името Шекспиров театар „Глоуб“ е отворен во 1997 година во близина од местото каде што се наоѓал стариот театар. Тој располага со 1.380 седишта и 700 места за стоење.