103 крводарители беа дел од денешната крводарителска акција што во организација на Црвен крст Охрид со помош и поддршка на спортска обложувалница Спорт Лаиф и Одделението за трансфузија од Охрид, се одржа на платото пред обложувалницата Спорт Лаиф. Десет најсреќни крводарители, извлечени во наградната игра на крајот од крводарителската акција, беа добитници на вредни награди, а сите крводарители добија маици за спомен на крводарителската акција. Но, денес, повод за хуманост не беше само крводарителската акција. Голем број посетители на хепенингот предводен од македонската пејачка Елена Ристеска, се приклучија на хуманитарната акција „Заедно за еден детски живот“ и донираа парични средства за операција на 11-годишно болно дете од Охрид. Настанот беше збогатен и со презентација на програмите на групите кои го посетуваат Детскиот час за приказни и Бреинобреин центарот во Црвен крст Охрид.