Осмоодделенците постигнаа подобри резултати на екстерното тестирање во однос на минатата година

Постигнатите резултати од екстерното тестирање на учениците од осмо одделение, од денеска се истакнати во сите училишта, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Резултатите на останатите ученици, ќе се објавуваат етапно во следните неколку денови.

„Секој ученик ќе може да ги погледне оценките кои ги добил по предметите по кои бил тестиран и најдоцна во рок од три работни денови, практично од понеделник до среда доколку смета дека е потребно, ќе има можност да поднесе приговор до училишната комисија која ќе го проследи до Државниот испитен центар во чија надлежност е носењето на конечната одлука“, рече Ристовски.

Министерот истакна дека годинава осмооделенците постигнале подобри резултати во однос на минатата година. Овогодинешната оценка е 3,67, што е за 0,14 процентни поени повисока во однос на ланската година, кога просечната оценка била 3,53. На денешната прес конференција, Ристовски ги објави и имињата на училиштата во кои полуматурантите постигнале најдобри, но и најслаби резултати.

„Одделно по училишта, земајќи го предвид бројот на осмоодделенците во секое од нив, најдобри резултати односно просек од 4,95 постигнаа полуматурантите од ОУ „Гоце Делчев“ во Скопје, општина Центар, додека најслаби резултати постигнаа полуматурантите од ОУ „Страшо Пинџур“ во општина Карбинци со просечни постигања од 2,52“, рече Ристовски.

Предност при објавувањето на резултатите од екстерното тестирање имаа полуматурантите, поради уписите во средните училишта кои почнуваат на 23 и 24 јуни, со исклучок на паралелките во Спортската академија каде првиот уписен рок е на 19 и 20 јуни. Оние ученици пак, кои од оправдани причини не полагале еден од предметите или воопшто не биле тестирани, имаат шанса да се тестираат во августовската испитна сесија. Тие дополнително ќе бидат известени за термините и предметите по кои ќе се проверуваат нивните знаења.

eksterno1