Новоизбраниот министер за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска и официјално ја презеде функцијата од досегашниот министер Спиро Ристовски.
Министерот Адеми истакна дека образованието е комплексна област и тоа што неговиот претходник Ристовски останува во министерството е голема предност за него бидејќи тоа значи дека ќе има континуитет во работата.
„Ќе продолжиме да ја имплементираме програмата на Владата во областа на образованието и науката. Тоа што е зацртано е амбициозна програма, бара многу напори, финансиски средства и соработка. Се надевам дека како и со досегашната динамика со која работевме како Влада ќе продолжиме и понатаму“, посочи Адеми, напоменувајќи дека одлуките на Министерството за образование и наука ќе бидат добро консултирани со јавноста и со сите засегнати страни, со другите институции кои имаат заеднички надлежности, а особено општините, синдикатите, вработените.
Досегашниот министер Спиро Ристовски му посака успешна работа на новиот министер за образование и наука, истакнувајќи дека со него и досега соработувале и реализирале многу проекти во Владата.
„Посакувам одлична работа, успешна реализација на голем број од проектите и многу успех во секојдневното функционирање на Министерството за образование и наука. Во изминатиот период со сиот мој капацитет се заложив максимално да ги реализирам проектите кои што беа предвидени во рамките на програмата за работа на Владата и верувам дека кај голем дел од граѓаните постои задоволство од сето она што го реализирав“, рече Ристовски.