Договор за набавка на нови четири дизел моторни гарнитури и две електромоторни гарнитури за превоз на патници во железничкиот сообраќај потпишаа денеска Владата на РМ и кинеската корпорација CSR, една од најголемите компании во светот за производство на вагони и локомотиви.
Првите гарнитури треба да стигнат идното лето. Нивниот капацитет е за околу 1200 патници, целосно ќе бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни и ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност.
Инвестицијата за овој проект е 25 милиони евра – средства од Европската банка за обнова и развој, а доаѓа по 35 години од набавката на последниот нов воз во Македонија.
Дополнително, со 15 милиони евра почна набавка и на товарни вагони, а со уште 10 милиони евра ќе се рехабилитираат гарнитури на постојни возови за и тие да се оспособат, така што вкупната инвестиција за обнова на целиот возен парк на „МЖ Транспорт“ а.д. е 50 милиони евра.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишување на договорот рече дека очекува тој да биде исполнет во рокот и во летото 2015 година по македонските пруги да сообраќаат нови, модерни и економични вагони и локомотиви.
Посочи и дека оваа набавка на нови вагони е дел од голем инвестициски циклус во железницата, во кој се и почетокот на изградбата на пругата кон Бугарија и реконструкција на Железничката станица во Скопје.
„Инвестицискиот циклус во следните четири години ќе изнесува над 250 милиони евра. Со оваа голема инвестиција целосно ќе се трансформира и ќе се модернизира македонскиот железнички сообраќај. Железницата не само што е најекономичен начин на транспорт и превоз, туку и најпријатен, лично мене ми е најомилен начин на превоз. Но, факт е дека во РМ таа не беше целосно искористена. Причините за тоа се недостатокот на инвестиции – и во инфраструктура и во вагони и локомотиви“, рече Ставрески.
Договорот за набавка го поздравија министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и генералниот директор на „МЖ Транспорт“ а.д. Оливер Дерковски, нагласувајќи дека со него се врти нова страница во развојот на македонската железница.
„Почнуваме со креирање една нова, поинаква слика за железничкиот транспорт во нашата земја, посебно затоа што последниот воз е набавен пред 35 години. Продолжуваме со модернизација на состојбите во железничкиот сектор и негово максимално насочување кон потребите на граѓаните со квалитетен и ефикасен патнички превоз, со модерни возови какви што заслужуваат македонските граѓани“, рече Јанакиески.
Заменик-претседателот на корпорација CSR Шу Цонгшијанг се заблагодари за довербата од Владата на РМ и рече дека ќе ја оправдаат со исполнување на договорот. CSR произведува и сервисира локомотиви и вагони за патници и за товар, мотори за возила и возила за градски превоз и соодветни компоненти, а ја има произведено и првата електрична локомотива во НР Кина.
„Во 2013 година компанијата постигна приход од 16 милијарди американски долари и потпиша странски договори во износ од 2,2 милијарди долари. Досега нашата компанија има снабдено производи и сервиси во над 80 земји во светот. Во Македонија потпишуваме прв договор и е многу важна иницијативата на македонската влада да го подобри јавниот транспорт. Ветувам целосно исполнување на договорот и јас лично постојано ќе внимавам на спроведувањето на овој проект, ветувам дека ќе ја оправдаме довербата и ќе понудуме супериорен квалитет и сервис“, рече Цонгшијанг, кој на претставниците на Владата на РМ им подари минијатури од моделот на возовите.
Цонгшијанг информираше дека годишната инвестиција на железницата во НР Кина е над 100 милијарди долари. Железничката мрежа е 100.000 километри, од кои 11.000 км се високобрзински железнички линии од прв ранг.