Со промотивната културно-забавна манифестација „Бело лето” што ќе се одржи на четврти јули и годинава во Охрид официјално ќе стартува летната туристичката сезона. Случувањето започнува со промоција на традиционалните занаети на малиот плоштад во Охрид.
„Сите посетители ќе имаат можност на лице место да се запознаат со изработките на занаетчиите во градов, кои што ќе понудат екстра попуст на своите производи до 20 % “, рече на денешната средба со новинарите Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.
Централно случување на манифестацијата ќе биде концертот на популарната музичка група “Нокаут“ и познати ди џеи закажан за 21 часот на градскиот плоштад “Свети Климент Охридски” .
„Сите гости кои што ќе го посетат нашиот град ќе имаат можност да проследат бесплатен музички концерт.“ –истакна Апостолов.
Како и минатата така и оваа година во манифестацијата се вклучени голем број угостителски објекти кои своите услуги ќе ги нудат по пониски цени од 10 до 30 % од вообичаените.
„Одреден број на угостителски објекти кафе барови, ресторани, пицерии и хотели кои се вклучени во манифестацијата ќе нудат попуст на своите услуги од 10 до 30 % од своето отворање се додека трае манифестацијата. Со ова се нуди уште една атрактивност, значи ќе имаме бесплатен концерт и промотивни цени на услугите во угостителските објекти“, истакна Апостолов.
„Белото лето“ во Охрид се одржува по втор пат со цел да се овозможи пријатна забава за охриѓани и туристите а секако и добра заработка за угостителите кои цел ноќ ќе бидат отворени за посетителите.