Од вкупно 22.058 осмооделенци, 17.982 поднеле документи за упис во средните училишта во првото пријавување од првиот уписен рок кое се спроведе на 23 и 24 јуни, истакна на денешната прес конференција министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми.
Според резултатите кои беа објавени на 25 јуни, 12.551 полуматурант се запишале во некое од средните училишта во Република Македонија. Од нив 9.547 ученици настава ќе следат на македонски наставен јазик, 2.761 на албански наставен јазик, 143 ученици ќе учат на турски наставен јазик. Според видот на образованието, 5.603 ученици се запишаа во гимназиско образование, 6.792 ученици во стручно образование и 156 ученици во Спортска академија. Адеми информираше и за бројот на слободни места кои останаа во училиштата.
„Слободни места за второто пријавување во првиот уписен рок, кое ќе се реализира на 30 јуни и на 1 јули, а резултатите ќе бидат објавени на 3 јули, има за вкупно 22.436 ученици, од кои 15.001 слободно место за настава на македонски наставен јазик, 6.618 за настава на албански наставен јазик, 775 за настава на турски наставен јазик, 34 за настава на српски наставен јазик и 8 слободни места за повторувачи. Додека, според видот на образованието, има вкупно 5.756 слободни места во гимназиско образование, 16.632 слободни места во стручно образование и 48 слободни места во Спортска академија. Во вкупниот број на запишани ученици и слободни места за второто пријавување, не е пресметан бројот на учениците од средните музички училишта и средното училиште за применета уметност, бидејќи учениците во тие училишта полагаат дополнителни испити за прием“, рече Адеми.
Вториот уписен рок е на 21 август, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 22 август. Во училиштата во кои и по вториот уписен рок ќе има слободни места, ќе можат да запишуваат ученици до 29 август.
Според Конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2014/2015 година понуди вкупно 35.185 слободни места, од кои 23.384 за средно стручно образование, 11.189 за гимназиско, 408 за уметничко и 204 места за Спортската академија во Скопје заедно со дисперзираните паралелки во 7 други општини.
„Дополнително на почетокот на оваа недела, беше објавен и Конкурсот за струките, профилите и паралелките за новото средно училиште на Град Скопје во Шуто Оризари и истиот предвиде упис во 5 паралелки, по една за здравствена струка, градежно-геодетска струка, угостителско-туристичка струка, економско-правна и трговска струка и лични услуги“, рече Адеми.
Министерот апелираше до полуматурантите кои сé уште не се пријавиле за упис, да го сторат тоа во наредниот период, затоа што средното образование е задолжително за сите. Адеми истакна дека при изборот на училиштето, учениците треба да се водат според личните афинитети кон одредена професија, но и да се информираат за дефицитарност на одредени струки на пазарот на трудот со коишто по завршување на средното образование, многу полесно можат да стигнат до соодветен работен ангажман.