Тројца хирурзи од Македонија се очекува да одат на субспецијализација во Центарот за трансплантација во Кембриџ. До крајот на годинава се очекува да оди првиот кандидат, потоа во период од шест месеци вториот кандидат, а третиот кандидат ќе оди идната година. Идејата е после две години тие да се вратат како субспецијалисти од Кембриџ во делот на трансплантација на бубрег, црн дроб и мултитрансплантации (трансплантации на повеќе органи).
Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска во просториите на Министерството се сретна со претставници од Центарот за трансплантација во рамки на Универзитетот Кемbриџ, односно со доктор Гавин Петигру, специjалист по абдоменална трансплантација, одговорен за супервизија на македонските доктори-хирурзи и проф. Оливера Ѓорѓимајкоска, клинички научник за трансплантација на органи и координатор за развој на кадаверична трансплантација.
Тодоров посочи дека на средбата станало збор за интервјуата односно за интересот на македонските доктори кои ќе бидат испратени на субспецијализација за трансплантација во Кембриџ.
„Минатата година потпишавме Меморандум со Кембриџ за испраќање наши доктори за субспецијализација за трансплантација во овој врвен Универзитет во Англија и еден од најдобрите во светот. На презентацијата која ја имаа пред нашите доктори имаше осум заинтересирани кандидати од кои пет беа на интервју. Мислам дека овој пат ќе имаме кандидат кој можеби ќе ги исполни условите и ќе биде прифатен од Кембриџ за субспецијализија“, рече Тодоров.
Минатиот обид, нагласи министерот, остана неуспешен затоа што имаше мал број пријавени кандидати и веројатно немаше доволно мотивација за да се исполнат условите и тие да бидат дел од тој елитен светски универзитет.
„Се надевам дека нашите доктори кои ќе ја добијат оваа можност ќе ги оправдаат очекувањата, ќе се едуцираат на најдобар можен начин, а знаењата кои ќе ги стекнат таму потоа ќе ги искористат за отпочнување на трансплантации кои сега не се вршат во Македонија. Потоа ќе почнеме силна едукациска програма, докторите ќе имаат обврска да тренираат други наши хирурзи за тој тип трансплантација“, потенцира Тодоров.
Доктор Петигру истакна дека од сите пет кандидати кои ги виделе има потенцијал да изберат тројца кандидати кои ќе бидат селектирани. За многу кратко време, како што укажа, ќе може да почне официјалната подготвка со организација на документацијата за нивно регистрирање и очекуваме првиот кандидат да почне во наредните три до шест месеци.
Ѓорѓимајкоска рече дека долго време работи на Кембриџ и оти напорно е да се работи таму.
„Тоа е организиран систем каде многу труд и работа е награден на крајот. Задоволна сум со моето искуство во Кембриџ“, додаде Ѓорѓимајкоска.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот Тодоров рече дека кандидатот за субспецијализација во Центарот за трансплантација во Кембриџ, треба да е хирург специјалист, да има одлично познавање на англиски јазик, да има силна мотивација, добри квалификации и одлична основа.
„За да бидеш трансплантациски хирург не е едноставна работа. Она што според мене е најбитно е дека треба да се биде мотивиран и да сакаш да се стекнеш со едно такво знаење на еден од најдобрите универзитети во светот“, посочи Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање Тодоров истакна дека државата ги покрива патните трошоци на докторите, трошоците за престој и определен надомест во висина од 1.500 евра месечна за тие кои ќе бидат примени.
„Кембриџ ја покрива целата специјализација“, додаде Тодоров.
Центарот за трансплантација во рамки на Универзитетот во Кембриџ претставува национално дизајниран трансплантен оддел за црн дроб, панкреас и трансплантација на тенко црево, каде годишно се извршуваат над 90 трансплантации на црн дроб, над 190 бубрежни трансплантации, 40 трансплантации на панкреас и повеќе мулти/висцерални, на тенко црево трансплантации.