Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се обрати на јавната расправа за Предлог – Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, во организација на Министерството за труд и социјална политика, која што започна денеска и ќе трае до 14 јули, а на која свое учество ќе земат релевантни институции, невладиниот сектор, судии, меѓународни организации, експерти и политичари, со цел подобрување на заштитата на жртвите на семејно насилство.
Владата на Република Македонија со донесувањето за првпат на нов посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, не само што го следи примерот на многу европски земји и земји од нашето опкружување во кои со посебен закон е регулирана оваа материја, туку овој нов закон во голема мера ќе понуди нови механизми и концепти за сузбивање на семејното насилство.
Предлог-законот ги дефинира начелата на коишто ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права. Како основни начела се предвидуваат и начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање.
Во однос на видовите на семејно насилство, ќе се прошири опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување. Во новиот предлог закон децидно се определени институциите и нивните надлежности и одговорности за постапување: институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, детска заштита внатрешните работи, здравството, вработувањето и образованието, надлежен суд, ЗЕЛС, вклучително и здруженијата на граѓани. Утврдена е одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или центар за социјална работа, за секој оној кој има вакви сознанија и тоа за граѓаните, но и за службените и одговорните лица во сите правни субјекти.
Со цел да се спроведуваат сеопфатни интегрирани политики Владата на Република Македонија ќе донесува Национална стратегија за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, за период од пет години. Владата, исто така, ќе формира Национално координативно тело за семејно насилство со мандат од пет години, во кое ќе бидат опфатени претставници од сите надлежни институции како и претставници од здруженија кои се регистрирани за работа со семејно насилство, а со кое ќе раководи министерот за труд и социјална политика.
Новата законска регулатива за спречување на семејно насилство, особено се посветува и на превенцијата, така што законски се уредува обврската за сеопфатни превентивни мерки на локално и национално ниво. Во оваа насока се предвидува да се преземаат мерки кои ќе овозможат промовирање на општествени и културни вредности на однесување, кои се засноваат врз еднаквост на жените и мажите, како и на родителите и децата. Посебно се потенцира потребата од воведување на модули за ненасилно однесување во семејството во наставните програми на сите нивоа на образование и предучилишно воспитување, обезбедување на стручна советодавна и советувалишна работа во советувалишта за брак и семејство, центрите за социјална работа и други институции. Во однос на генералната превенција се превидува спроведување на кампањи или програми за подигање на свеста и разбирањето на општата јавност за препознавање и последиците од семејното насилство како и обуки за стручните лица.
Со овој предлог-закон се дефинира дека Центрите за социјална работа ги преземаат следниве мерки за заштита на жртвите: сместување во Центар за лица-жртви; соодветна здравствена заштита; соодветна психо-социјална интервенција и третман; психо-социјален третман во советувалиште;помош на семејството за редовно школување на дете; правна помош и застапување и економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот. Мерките на заштита од семејно насилство ги спроведува центарот за социјална работа, при што се утврдени итни рокови за постапување (во рок од 24 часа да поведе постапка).
Мерките на заштита ги преземаат посебно едуцирани стручни лица. Предвидена е и соработка помеѓу Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување на Република Македонија-надлежниот центар за вработување, заради преземање на мерки за економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот и активните мерки и политики за вработување.
Со предлог законот се прецизираат и надлежностите на здравствените работници, преку утврдена должност веднаш да извршат преглед и друг медицински третман на жртвата и за истото да и издадат соодветна медицинска документација за констатираната повреда. При тоа, се предвидува жртвите да се ослободени од плаќање на трошоци за извршената медицинска услуга и документација. Се обезбедува посебна заштита кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на жртвата и членовите на семејството, преку изготвување на безбедносен план за помош на жртвата. Безбедносниот план ќе го изготвува мулти-секторски стручен тим од претставници на центарот за социјална работа, полиција, здравствена установа и здружение, при што мултисекторски стручен тим го координира центарот за социјална работа, надлежен според живеалиштето, односно престојувалиштето на жртвата. Во делот на судските постапки, како новина е предвидено кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, судот во рок од 24 часа ќе изрече привремена мерка за заштита, врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и ќе изрече привремена мерка за заштита, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во период од најмалку 14 дена.
Ова решение ги регулира случаите со цел да се обезбеди заштита секогаш кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството. Привремените мерки за заштита ги изрекува основен суд, по предлог на центарот за социјална работа или на жртвата. Судот по предлогот на центарот за социјална работа, односно на жртвата на семејното насилство за изрекување на привремена за заштита, ќе постапи веднаш, а најдоцна во рок од седум дена од денот на приемот на барањето ќе донесе одлука. Центарот за социјална работа е должен секогаш кога насилството е сторено врз дете или во присуство на дете да поднесе кривична пријава против сторителот на семејно насилство.
Подобрена е регулативата и во однос на подигнувањето на нивото на задолжително почитување на изречените судски мерки за заштита од страна на извршителот на семејното насилство. Во оваа насока, предвидена е парична казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за непочитување на одлуката. Во дефинирање на субјектите на заштита, посебен аспект се даде на заштитата на децата, и тоа кога се директни жртви на насилство, но и кога се присутни на насилни односи помеѓу членовите на семејството. Новото законско решение предвидува во случај кога детето е жртва на насилство во семејството, Центарот за социјална работа, по службена должност да презема мерки на заштита од семејно насилство, како и мерки на надзор над вршењето на родителското право.
Исто така, новата регулатива содржи решенија за посебна заштита и за другите ранливи групи, пред сè лицата кои не се во состојба да се грижат за себе и за деловно неспособните лица, така што постапките за преземање на мерки на заштита се водат по службена должност, секогаш кога старателот тоа нема да го стори, односно и без негова согласност.
Новата законска регулатива обезбедува проширување и на овластувањата на службените лица за итна интервенција при МВР за отстранување на сторителот на насилството од живеалиштето на жртвата.
Овластениот полициски службеник, секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради спречување на непосредна опасност по физичкиот интегритет и животот на жртвата веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот е должен да ги преземе следниве дејствија: да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај, да обезбеди жртвата веднаш да добие соодветна здравствена заштита, да изготви предлог за изрекување на привремена мерка за заштита отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и заедно со полицискиот извештај да го достави и до надлежниот основен суд, да го извести надлежниот центар за социјална работа заради преземање на мерки за заштита на жртвата.
Во делот на судските постапки, како новина е предвидено кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, судот во рок од 24 часа да изрече привремена мерка за заштита, врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и да изрече привремена мерка за заштита, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, врз основа на предлог на органот на прогон.
Како новина е предвидено дека судот може да изрече привремена мерка за заштита во отсуство на сторителот на семејно насилство само врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување до домот во период од најмалку 14 дена. Ова решение ги регулира случаите со цел да се обезбеди заштита секогаш кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството.
Изречената Одлука за привремена мерка за заштита–отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, судот во рок од 6 часа од одржаното рочиште ја доставува до органот за прогон. Во рок од 12 часа по приемот на одлуката ја доставува до сторителот на семејното насилство. Доколку сторителот на семејно насилство доброволно не го напушти домот во рок од два часа, полициските службеници ќе го отстранат.
На сторителот на семејното насилство може да му се изречат следниве привремени мерки за заштита од страна на судот: забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство; забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин комуницира со член на семејството, директно или индиректно; забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува друг член на семејството; отстранување од домот без оглед на сопственоста, до донесување на конечна одлука од надлежниот суд; забрана да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено; задолжително да ги врати предметите кои се потребни за задоволување на секојдневните потреби на семејството; задолжително законско издржување на семејството; задолжително да посетува соодветно советувалиште; задолжително лекување на сторителот, доколку злоупотребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување; задолжително да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од семејното насилство и изречекување на која било друга мерка која судот ќе ја смета за неопходна за да се обезбеди сигурност и добросостојба на другите членови на семејството.
При изготвувањето на Предлог – Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство Министерството за труд и социјакна политика пристапи многу темелно, за што минатата година спроведе детален процес на анализа на македонско законодавство, но сериозно се пристапи и кон целосна анализа на законските решенија во делот на заштитата и спречувањето на семејното насилство во земјите од опкружувањето и Европската Унија со цел да се искористат странските позитивни искуства и најдобри модели.
Во подготовката на Предлог-законот учествуваа лица со кредибилитет во професионална смисла вработени во министерството, потоа експерти од граѓанскиот сектор, и претставници од институции кои се непосредно инволвирани во темата.
Во наредниот период Министерството за труд и социјална политика очекува конструктивен процес на јавна расправа во кој што сите релевантни фактори ќе помогнат во подобрувањето на квалитетот на предлог законското решение, а по јавната дебата Предлог законот ќе биде доставен најпрво до Владата на Р.Македонија а потоа и до Собранието на Република Македонија.
Следи отворена јавна дебата со цел вклучување во процесот на консултации и мислења за текстот на Предог-Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство на сите релевантни чинители како државните институции, потоа невладините организации и здруженија, експертите, правосудни органи и академската јавност. Сите конструктивни сугестии и применливи предлози ќе бидат сериозно земени во предвид.
На денешната јавна дебата, се обрати постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации и постојана координаторка на Обединетите нации, Г-ѓа Луиза Винтон, која рече дека овој Предлог закон ќе го подобри системот на заштита и превенција од семејно насилство во Република Македонија и искажа посебно задоволство од мултисекторскиот пристап во сузбивање на оваа штетна општествена појава.