Со туристичките берзи ќе се организира пречекот на гостите во Охрид

Имајќи ги во предвид претходно утврдените недостатоци во однос на нелегалното нудење на услуги за сместување во капацитети од мал обем, и оддавањето на лоша слика на градот на повеќе локации, Локалната власт во Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2014 година предвиде изработка и поставување на типизирани штандови, кои ќе ја имаат функцијата на туристички берзи.

Деновиве прва ваква туристичка берза е поставена на локација кај автобуската станица каде регистрираните приватни станоиздавачи ќе имаат можност да ги нудат своите сместувачки капацитети на организиран и достоинствен начин, со што би се вовел ред како во нелојалната конкуренција, така и во однос на општиот одраз и впечаток кој го добиваат туристите.

Во насока на надминување на проблемите со дивите стано-издавачи и чекачи на гости, Локалната самоуправа оформи тимови за туристичка контрола кои заедно со општинскиот инспекторат и надлежните државни институции ќе ги санкционираат прекршителите на Законот за угостителска и туристичка дејност. 

Општина Охрид и понатаму ќе продолжи со низа активности во делот на туризмот, со цел создавање на соодветни услови за искористување на конкурентните предности и дефинирање на туристичката понуда и производ кои ги нуди градот.

Tur_berzi_4851