Локалната самоуправа од Охрид почнува со реализација на јавно искажаните заложби за ставање ред во почитувањето на договорите за коцесија на плажите кои се потпишани со концесионерите, а кои со години наназад не се почитуваат и не се исполнуваат обврските кои произлегуваат од договорите за концесионерите.
Инспекторатот деновиве вршел контроли на повеќе плажи и констатирано е дека плажата „Потпеш“ целосно го прекрила просторот со лежалки за кои се наплатувало од страна на лица ангажирани на плажата, без притоа воопшто да се остави слободен простор. Оваа состојба е уредно документирана од инспекциските служби и ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Истата ситуација се одиграла и на плажата „Канео“, за каде бројни граѓани пријавиле дека не им се дозволувало на средношколци или основци да престојуваат на плажата бидејќи лицата ангажирани од концесионерите не им го дозволувале тоа под изговор дека не биле потрошувачи, а ваквата појава била пријавена во инспекциските служби и истата е евидентирана и документирана.
Незадоволни граѓани на Охрид и туристи од другите градови пријавиле во инспекторатот дури дека биле изложени на нападно па дури и насилничко однесување од страна на лица ангажирани на плажите кои нападно, некултурно и дрско од нив барале постојано да прават нови нарачки на пијалоци ставајќи ги во непријатна ситуација јавно на узурпираните со лежалки површини и во кафетериите на плажите.
„Сите анкети кои се спроведуваа во изминатава година покажаа дека туристите во Охрид најмногу незадоволство генерираат од високите цени на угостителските услуги и од состојбата со плажите, поточно непочитувањето на правилниците и договорите од страна на поедини концесионери кои ги имаат целосно прекриено плажите со лежалки и наплатуваат за нивно користење, без притоа да остават 60% слободна површина“. – изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Градоначалникот вели дека отстапки нема и не може да има бидејќи законот е ист за сите и сите треба подеднакво да го почитуват.
„Толеранција на самоволието, нередот, насилничкото однесување и непочитување на законот нема да има додека сум јас на власт. Сите оние концесионери на плажи кои упорно го кршат законот, ќе бидат санкционирани, ќе се поднесат соодветни пријави, а ќе бидат раскинати и договорите за закуп на плажите, кои пак потоа повлекуваат други последици за нив“. – вели Бакрачески.
„Кај плажата „Потпеш“ било констатирано и дека има узурпација на државно земјиште, кое е узурпирано од делот од крајот на т.н. „Мост на желбите“ кој е дивоградба, па се до делот каде се изградени бетонски зданија на плажата за кои исто така се испитува дали се според законот. За ова сторено дело исто така ќе биде поднесена соодветна пријава“. – информираат од Локалната.
Инспекциските служби продолжуваат со акцијата за контрола на плажите и наредните денови, се до крајот на летната сезона.