На 17 јули во предворјето на црквата „Света Софија“, љубителите на музиката ги чека незаборавно и ретко доживување: на фестивалот „Охридско лето“ својот концерт ќе го одржи ексклузивниот гудачки квартет „MozART group“ од Полска.
„Членовите на овој квартет свират музика од класичниот репертоар, но на сосема поинаков начин. Нивната изведба е мешавина од музика, театар и движење, а со уникатниот хумор кој го поседуваат, квартетот се сместува во еден од најинвентивните забавувачи во светот.Концертот насловен „Моцарт е се уште жив“, е во соработка со Полската амбасада во Република Македонија, со која Фестивалот има одлична соработка повеќе години наназад“, изјавува селекторот на фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.
„Веќе неколку години соработуваме со Полската амбасада во земјава. Минатата година плод на нашата соработка беше концертот со еден од најславните композитори на денешницата – Кшиштоф Пендерецки. Оваа година исто така најавуваме незаборавен концерт и ги покануваме сите љубители на музиката во четврток да бидат дел од овој необичен настан, кој со сигурност нема да ги остави рамнодушни.“, додава таа.
Активноста на гудачкиот квартет „MozART group“ започнува пред речиси 20 години и оттогаш неговите членови неуморно одржуваат успешни настапи во целиот свет (Европа, Канада, САД, Азија). Досега имаат одржано повеќе од 3000 концерти на четири континенти во светот, а нивниот професионализам и талент го потврдуваат и големиот број национални и интернационални награди кои ги имаат добиено, вклучувајќи ја и специјалната награда од Министерството за култура на Република Полска за исклучителни достигнувања и 15 години постоење на сцената.
Нивната богата концертна активност и по речиси 20 години продолжува со истиот интензитет. Само овој месец квартетот гостува во четири Европски земји (вклучувајќи ја и Македонија), а веќе следниот заминува на турнеја во Америка, Азија и Европа.
Концертот е со почеток во 21 часот.