Активностите за интензивна и директна промоција на туристичките и културно- историските вредности на Охрид, кои Градоначалникот Никола Бакрачески преку Секторот за туризам и локален економски развој ги започна минатата година продолжуваат со несмален интензитет.
Престојот на странски студиски групи и новинари е во полн ек. Оваа година секако ќе се запамети како година на голема медиумска офанзива и зајакнат интерес на странските медиуми за нашиот град, а тоа сигурно позитивно ќе се одрази на атрактивноста на Охрид и неговата позиција на меѓународниот туристички пазар. Охрид, со извонредното културно- историско и природно богатство и со постојаните вложувања на Локалната самоуправа во нови туристички капацитети станува се попозната дестинација на светската туристичка мапа.
Да потсетиме дека за прв пат минатата година претставниците на National Geographic Channel го посетија Охрид. На почетокот од месец април годинава, поголема група на претставници од највлијателни туроператори и медиуми од Турција, Бугарија, Албанија, Косово, Русија, Србија престојуваше во градов, по што следеа извонредно афирмативни написи и репортажи во највлијателните медиуми во нивните земји со препораки, Зошто треба да се посети Охрид. Во овој период на различни туристички и информативни портали, Охрид беше претставен како една од десетте топ туристички дестинации кои треба да се посетат.
Деновиве, познатиот турски телевизиски сервис SKY TURK 360 објави специјална репортажа за Охрид, за неговите убавини, разноликости, специфичности и урбани трендови кои несомнено се дел од општествениот и економски развој на градов.
Во живо од Охрид – градот кој е неисцрпен извор на убавина, здравје и спокој, милионскиот аудиториум на Турција го следеше обраќањето на репортерот кој со нескриено задоволство зборуваше за реткиот спој на културното и природното наследство и нашата гостопримливост.
Најпрепознатливиот бренд на Р. Македонија пред турската јавност беше презентиран како можност за уживање во прекрасната, единствена и неповторлива глетка кон охридската ривиера.
Меѓународната промоција на Охрид продолжува во септември годинава, кога се очекува во Охрид да дојдат претставници на една од најголемите и најреспектабилни медиумски куќи во СР. Германија – НДР, со што акцентот на идните промотивни активности од овој вид се преместува во западноевропските земји и туристичкиот пазар.